Новата ДНК анализа на скелет стар 4.000 години целосно ги поништи два века археолошки претпоставки и предизвика вистинска револуција во разбирањето на улогата на жените во древното британско општество.
Останките пронајдени во гробницата на Аптон Ловел во јужна Англија, која со децении била позната како „шаманот на Аптон Ловел“ поради богатството и природата на предметите, всушност ѝ припаѓаат на жена од висока класа која се занимавала со металургија и златари, потврдија научници од престижниот институт „Френсис Крик“ во Лондон.
Кога оваа богата гробница првпат била откриена на почетокот на 19 век, археолозите биле воодушевени од уникатниот спектар на гробни прилози – од секири со траги од злато по рабовите до златни ѓердани. Бидејќи богатството, моќта и занаетчиството во тоа време автоматски им се припишувале на мажите, научниците без сомнение заклучиле дека станува збор за маж.
Сепак, кога тим предводен од Том Бут го анализирал скелетот како дел од поголем проект за секвенционирање на геномот, резултатите ги шокирале.
„Тестирањето даде женски резултат, што воопшто не го очекувавме. Знаевме дека превртуваме два века размислување, па затоа бевме исклучително претпазливи. Тестиравме уште два примерока и двата потврдија истото – скелетот е женски“, изјави Бут за Си-Ен-Ен.
Фактот дека оваа жена била висока околу 170 сантиметри, што е многу повисоко од просекот на жените во тоа време и поблиску до висината на мажите од бронзеното доба, исто така придонел за заблудата.
Покрај тоа, таа починала на околу 45-годишна возраст, а во постменопаузата, коските кај жените почнуваат антрополошки да личат на коските кај мажите со возраста, што дополнително ги довело во заблуда претходните истражувачи.
Ова откритие е единствено на ниво на цела Европа. Најважно од сè, директно ја побива претходната теорија дека жените во бронзеното време биле раскошно погребувани исклучиво како сопруги или ќерки на моќни мажи.
„Ова целосно ја поткопува идејата дека жените во овие општества не можат да бидат моќни и посебни сами по себе“, истакнува Бут.
Ова сензационално откритие беше претставено на јавноста на нова, бесплатна изложба наречена „Да се вратиме во времето“, која се отвори во Институтот „Френсис Крик“ во Лондон.
Иако скелетот претходно бил наречен „шаман“ поради теориите дека предметите се користеле во мистични ритуали, научниците денес веруваат дека самата обработка на метал во тоа време имала статус на магичен и ритуален карактер. Оваа жена била мајстор на својот занает, почитувана златарка и клучна фигура во трговските мрежи што го поврзувале бронзеното доба низ цела Европа.
The post Откритие во Англија: Шаман од бронзеното доба за кој се сметало дека е моќен маж, всушност е жена appeared first on Во Центар.



