Данче Наумоска е занаетчика која изработува бакар во Copper Art. Почетоците на нејзината професија датираат речиси пред 20 години кога љубовта кон создавањето на бакарни производи ја пренесол нејзиниот татко во нивната работилница.
Тогаш најмногу ја привлекувале боите кои ги менувал бакарот при хемиска реакција- оксидација, нијансите кои никогаш не се повторуваат. Изработува охридски мотиви, религиозни мотиви или пак, со традиционални дизајни.
Нејзина најнова инспирација е Охридски сунѓер – „Ochridaspongia rotunda”, а новата колекција добива и токму такви форми.
Copper Art Dani им овозможува на домашните и странски посетители полесно да дојдат до идеја и реализација при купувањето сувенир, подарок или украс за сопствениот дом.
– Осознавајќи ги ендемските видови од Охридското езеро, се сретнав со волшебниот сунѓер, кој го добил името “rotunda” не само заради тоа што има тркалезна форма, туку и што потсетува на морски еж без боцки. Фасцинирана од неговиот изглед, успеав преку накитот да го претставам внатрешниот систем на каналчиња и коморчиња, раскажува таа.
Според Наумоска, Охридскиот тркалезен сунѓер со неговата жолтеникава боја и кадифест изглед, живее на длабочина од 30 до 120 метри и достигнува дијаметар до 13 сантиметри, зацврстен на школки или камчиња. Се размножува преку целата година и опстојува во симбиоза со Охридските ракчиња и како автохтон животински вид целосно се разликува од другите сунѓери.
Овој прастар облик на сунѓер опстојува во шест милиони старото езеро и е меѓу најстарите облици што живеат во него.
– Благодарение на нуркачкиот клуб Амфора , преку фотографии ни го претстави дното на Охридското езеро. За изработка на колекцијата користев ленти, бакарни плочки, епоксидна смола кожни врвки или синџирче, полудраги камења или мурано стакло. Наменета е за уникатни, моќни и самоуверени жени, вели таа.
Во Copper Art најзастапен материјал е бакарот, но има и сребрени и позлатени изработки.
Таа е дел од во проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ спроведен од Центарот за управување со промени – ЦУП а поддржан од Balkan Trust for Democracy.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.