ПАРИ АНАЛИЗА: КРЕДИТНИТЕ КАРТИЧКИ И НЕГАТИВНИТЕ САЛДА СЕ ВРАЌААТ ВО ИГРА

Во мај, продолжи трендот на растот на потрошувачките и на станбените кредити, како и падот на автомобилските кредити, покажуваат податоците на Народната банка. Но, она што е специфично за овој месец, според анализта на порталот Пари, е тоа што по повеќемесчна пауза, пак има раст на кредитите земени преку кредитните картички и негативните салда на тековната сметка. Тие, во претходниот период бележеа опаѓање.

Полесното посегање по кредитните картички и по минусното салдо во мај може да се протолкува како резултатат на две спротивни работи: од една страна на народот во пандемијата му се смачи од воздржување да троши, но од друга страна, дел од народот остана без вообичаените примања, и сега посегнува по најлесниот начин на кредитирање – картичката што веќе ја има и минусот кој вообичаено се одобрува на вработените, како една или две плати во минус.

Бројките покажуваат дека во мај кај домаќинствата имало вкупно 3,1 милијарди евра позајмени од банките.

Структурата на кредитите покажува дека трендот останал ист – најмногу биле пласирани потрошувачки кредити и тие во мај достигнале 1,64 милијарди евра. Потрошувачките кредити имале месечен раст од 0,6 проценти и годишен раст (мај 2021 година во однос на мај 2020 година) од 7,7 проценти.

Растот на потрошувачките кредити, кои во најголем дел се ненаменски, вообичаено се толкува како „кредит за преживување“ – задолжување за решавање на некои тековни потреби, како реновирање на дом, купување на автомобил на старо, но како што велат банкарите, и поради репрограмирање на долгови, при што старите долгови се затвораат со нови, но обично на ист износ како што иницијлно биле старите, иако дел од нив веќе е отплатен, со што се создава ново нето задолжување.

И во пандемијата, се забележува дека продолжува растот на станбените кредити, и тоа е втор најискористен вид на кредит од страна на домаќинствата. Во мај имаа 995 милиони евра пласирани во станбени кредитити, нивниот раст во однос на април е 0,8 проценти, а во однос на мај минатата година е 14,1 процент.

На кредитни картички домаќинствата имале минус од  169,6 милиони евра. Кредитните картички се трет „најомилен“ вид на задолжување за граѓаните. Кај нив во мај во однос на април е забележано зголемување од 0,1 процент, но ако се спореди овој со ланскиот мај има пад 9,1 процент.

Негативните салда на тековните сметки се во вкупен износ од 104,8 милиони евра. Тие во мај се зголемиле за 5,8 проценти во однос на април, но април во однос на март имало намалување од 4,8 проценти.

 Под други видови кредити е заведен износ од 59,6 милиони евра и тој е за 1,3 проценти помал во мај во однос на април, а дури за 7,3 проценти е падот на годишно ниво.

На дното по искористеност на кредити се автомобилските кредити кои во мај достигнаа одвај 4 милиони евра. Притоа, месечниот пад е 1,3 проценти, а годишниот е 7,3 проценти.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.