„ПАРИ“ АНАЛИЗИРА: Кој има најголема инфлација во регионот?

Годишната стапка на инфлација во Еврозоната достигна рекордни пет проценти во декември, пред се поради наглиот раст на цените на храната и енергијата, соопшти статистичката агенција на Европската унија – Еуростат. Ова е највисоката стапка на инфлација во земјите од оваа зона од почетокот на водење на евиденција во 1997 година.

Инфлацијата од Еврозоната, секако се прелива и во целиот регион и во Македонија која важи за земја со мала и отворена економија. Државниот завод за статистика на нашата земја, како и на земјите од регионот, се уште го немаат објавено податокот за декември, но порталот „Пари“ ги разгледа ноемвриските податоци од извештаите за инфлација на државните заводи за статистика во земјите од регионот и дојде до сознание дека Македонија, „се држи“ добро во однос на инфлацијата, споредено со другите земји од нашето блиско опкружување.

Според статистичките податоци, Македонија во ноември имала инфлација од 4,8%, исто како и Хрватска. Најголема инфлација измерил Заводот за статистика на Србија, и во оваа земја инфлацијата во ноември била 7,5 проценти. Особено изненадува високата стапка на инфлација на храна во Србија од дури 12,2 проценти, а овој податок е загрижувачки и за Македонија со оглед на големиот увоз на жита, брашно, но и други прехранбени производи што ги увезуваме од Србија.

Годишна инфлација во ноември

Она што може да се издвои како „заеднички именител“ на целата табела е дека во сите земји има голем раст на цената на мастите и маслото за јадење, дека има големи варијации во однос на цените на овошјето, така што во Косово неговата цена се намалила за 5,9 проценти, а во Србија се зголемила за дури 16,9 проценти. Секаде, освен во Косово растеле и транспортните трошоци, но растот бил најизразен кај нас 27,9% повисоки цени во ноември годинава во однос на ланскиот ноември. Она што е специфично за нашата земја е и што ставката „стан, вода, струја“ покажува раст на цени од само 0,7%, а другите земји, освен Црна Гора, имале значително поголем раст.

За годинава, прогнозите на нашето Министерството за финансии се инфлација од 2,4%, при што, како што е наведено во Буџетот за 2022  „ценовните притисоци како резулатат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните прозводи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината“.

Сепак, она што веројатно ќе се случи е зголемена инфлација во јануари, како резултат на скокот на цените на електричната енергија од  9,48 проценти за домаќинствата и малите фирми, како и укинувањето на дневната евтина струја за домаќинствата. Исто така, врз инфлацијата, се очекува да влијаат и новите договори на компаниите со снабдувачите на електрична енергија и на гас. Со вакви информации, многумина веќе се скептични дека годинава ќе ја завршиме со инфлација од 2,4%, но економистите се сложуваат дека таа ќе се стабилизира и релаксира во текот на годината.

Тронка оптимизам во однос на цените на храната влева Организацијата за храна и земјоделие на Обединетите нации (ФАО) која во петокот објави вест дека има мал пад на цените во декември.

Целата анализа е достапна на следниот линк https://pari.com.mk/koj-ima-najgolema-inflacija-vo-regionot-pari-analiza/

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.