Пахор им честита на Ципрас и Заев

Иако, вели дека не знае дали и колку имало странска помош или интервенција во постигнувањето на Договорот од Преспа, Борут Пахор потенцера дека знае дека постигнувањето таков договор било желба на сите оние кои се заинтересирани за стабилност во регионот.
– Брисел, Берлин, Париз и секако Љубљана, се надевавме дека двете земји ќе стигнат до договор и се надеваме дека ќе се имплементира. Поради ова, не ми пречи било каков совет или поддршка што беа дадени за да се постигне овој договор – истакнува претседателот на Словенија во интервјуто за грчки „Катимерини”, јави дописничката на МИА од Атина.
Словенечкиот претседател истакнува дека договорот е важен и за целиот Западен Балкан „бидејќи го отвора патот за земјата, чие ново име ќе биде Северна Македонија, за интеграција во ЕУ и НАТО”. А со тоа, според него, се создава нов моментум во процесот на проширување на ЕУ, со надеж дека ќе се имплементира.
– И двете страни имаат голема одговорност за да се имплементира и се надевам дека напорите на Владата во Скопје ќе донесат соодветен одговор од Грција. Договорот, исто така, отвора врата за една подобра, корисна соработка и пријателски односи меѓу двете земји, факт што ќе биде во корист и на двете страни. Сакам да им честитам на премиерите на двете земји, Ципрас и Заев за договорот од истриско значење, додава словенечкиот претседател во интервјуто за грчки “Катимерини“.
По средбата со неговиот словенечки колега Борут Пахор Ципрас изјави: Грција ја враќа иницијативата на Балканот преку значајни акции за соработка со соседните земји и важниот договор со ПЈР Mакедонија во 2018 година, изразувајќи задоволство што официјално Скопје брзо ги спроведува процедурите за менување на Уставот согласно Преспанскиот договор.
Тоа значи дека вие (Словенија), како една од државите кои ја признаа нашата соседна земја под нејзиното сегашно, уставно име, отсега ќе ја признаете и ќе ја нарекувате „Северна Македонија“, што е многу важно за грчкиот народ, со оглед на тоа дека Македонија е голем географски регион во Грција и многу важен дел од античката грчка историја. Исто така, тоа целосно се признава со овој Договор, што ни дава чувство дека имаме избалансиран договор за двете страни.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.