Што туку заврши состанокот помеѓу Владата и градоначалничката. Практично можам да кажам дека уште позагрижени сме сега, отколку пред да почне состанокот. На кратко, нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно, рече на прес конференција министерот за локална самоуправа Златко Перински, а по средбата во владата што ја имаше со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
-Очајна е состојбата во Градот, очајна е состојбата во јавните претпријатија и како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје е една фаза од препреките за реализација на проектите од страна на Градот. Затоа градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој што пред се ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, иако нашите очекувања не се големи, морам да признам, за жал, рече Перински.
Во таа насока ќе почекаме до крајот на неделата што од нивна страна ќе биде предочено како потреби кои што оваа Влада да речеме ќе може да помогне и врз основа на тие предлог заклучоци во тој предлог план кој што ќе биде претставен пред советниците ќе носиме заклучоци.
Мене ми е многу жал што состојбите во Градот Скопје се вакви какви што се. Како влада можевме да одбереме и да не се мешаме во тековното работење на градот но сметаме дека како приоритет ни се скопјани и мораме на некој начин нешто заедно да придонесеме и да се вклучиме во решавањето на нивните проблеми.
Конкретно се разговараше за две јавни претпријатија, едното јавно претпријатие е Комунална хигиена каде што сметаме дека проблемот е најакутен во моментот. И второто јавно претпријатие кое што го дискутиравме е ЈСП, затоа што сметаме како влада дека за десетина дена од сега ќе имаме многу поголем проблем во јавниот превоз со почнување на школската година.
Се надеваме на конструктивност, пред се кон советниците и кон останатите политички чинители на ниво на Град Скопје од нивна страна, ние како влада секако стоиме на располагање ако на некој начин сметаат дека можеме да помогнеме согласно нашите законски ингеренции.
Добро е да се напомене дека од страна на градот беше исто така аргументиран и фактот дека од претходната влада нема исплаќано средства од буџетот за превоз на студентите кон ЈСП и практично тоа е пречката за нормално функционирање на претпријатието.
Согласно ребалансот оваа влада го исервисира практично долгот на јавното претпријатието делот на кредитната линија за набавка на автобуси. Се надеваме дека ќе имаме конструктивност, ќе имаме разбирање пред се на вработените во Град Скопје, пред се во рамките на Советот на Град Скопје, а ние како влада секако стоиме на располагање за се она што можеме во иднина да помогнеме, ќе помогнеме“, рече Перински.