Петровска го повика Александар Николоски на ТВ-дуел околу набавката на хеликоптерите

Во интервјуто за ТВ 21 министерката, меѓу другото, нагласи дека во набавката на хеликоптерите вредна 230 милиони евра нема ништо спорно и дека таа е спроведена согласно закон. Говорејќи во оваа насока, таа ја поздрави одлуката на Антикорупциската комисија која отвори предмет во врска со набавката на хеликоптерите

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва во интервју за ТВ 21 јавно го повика пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на телевизиски дуел на кој ќе ги соочат аргументите околу набавката на осумте нови хеликоптери за Армијата од италијанската компанија „Леонардо“.

Славјанка Петровска, министерка за одбрана / Фото: „360 степени“

„Сè што има да каже, слободно нека ми каже пред граѓаните во живо, нека биде тоа и во вашиот медиум, немам ништо против тоа. Јас ќе го реорганизирам и мојот распоред, мојата агенда за да излезам во пресрет“,

рече министерката во интервјуто за ТВ 21.

Во однос на обвинувањата на Николоски оти не се набавуваат борбени, туку транспортни хеликоптери, и оти тоа воопшто не придонесува за зголемување на борбената готовност на Армијата, Петровска вели:

„Од коментарите што ги чув од него и од неговиот колега – имам дилема – дали до толку не знаат што зборуваат, или свесно го прават тоа за да ме омаловажат мене или да ги подријат процесите. Но, сега веќе го знам одговорот. Кога ќе се сетам на целосната изјава на Николоски, кој е потпретседател на партијата, а од она што се слуша дека во партијата го одредиле и како потенцијален министер за одбрана во сенка, се прашувам кога кажува овие пари дека ќе ги пренасочеле во општините, сосема е јасно дека не им е целта модернизација на одбраната, туку сакаат да ја вратат Армијата во 2017 година, онаму каде што ја оставија.“

Министерката нагласи дека во набавката на хеликоптерите вредна 230 милиони евра нема ништо спорно и дека таа е спроведена согласно закон. Говорејќи во оваа насока, таа ја поздрави одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која отвори предмет во врска со набавката на хеликоптерите.

„Нема ништо спорно околу оваа набавка. Јас ја поздравувам одлуката на ДКСК која во рамките на своите надлежности има право, но и обврска секогаш кога постојат одредени сомнежи во јавноста тие во делокругот на своите надлежности колку што може да ги расчистат. Јас лично го поздравувам ваквиот чин на ДКСК и јавно кажувам дека стојам на располагање и јас како министерка, Министерството за одбрана и сите документи кои ќе им помогнат во дефинирање на вистината во врска со овој случај да ги доставиме и да сме достапни“,

рече Петровска во интервјуто на ТВ 21.

Постапката за набавка на хеликоптерите, како што дополни, е започната од пред неколку години и е согласно Законот за набавки од областа на одбраната и безбедноста. На прашањето дали тајмингот на набавката е проблем, со оглед на тоа дека се случува пред избори, министерката одговара:

„Оваа набавка е предвидена од претходно да се случи во 2024 година. Сега одиме на најважниот момент, зошто купуваме хеликоптери? Затоа што е дел од процесот на модернизација.“

Во однос на изборот на компанијата која е добитник на тендерот – италијанската „Леонардо хеликоптерс“ – Петровска вели дека е избрана како една од најповолните понуди.

„Кога се разгледуваат понудите, тоа е задача на Интегрираниот проектен тим, тие не ги разгледуваат само перформансите. Перформансите се еден од условите или категориите што тие ги оценуваат. Многу е значајно при купување на вакви работи во одбраната, што ќе биде со одржувањето, што ќе биде со тренингот… Ние сега користиме воздухоплови, хеликоптери од источно производство. Тие во 2032 година мора да бидат отстранети, да престане нивното користање и од таа причина не ги модернизираме сите, туку оперативни се само неколку“,

додава министерката за одбрана.

Пронајдете не на следниве мрежи: