ПЕТТИ ПАКЕТ МЕРКИ: TУРИСТИЧКИ ВАУЧЕРИ, ОТПИС НА КАМАТИ ЗА ДОЛГОВИ, БЕЗКАМАТНИ КРЕДИТИ ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ

До крајот на неделава треба да биде финализиран петтиот пакет економски мерки, ако за него дадат зелено светло и синдикатите, но и стопанските комори. Ќе тежи помеѓу 50 и 60 милиони евра како директни буџетски импликации, но како фискални импликации ќе биде околу 150 милиони евра.
Во новиот пакет антикризни мерки не сe предвидени картички за ранливи категори граѓани како во претходните пакети, односно ќе нема еднократна помош. Но се најавува отпис на камати за долгови кон јавни и комунални претпријатија што ги направила граѓаните. Ќе се простат каматите на долговите постари од три месеци, без ограничување колку години е застарен долгот. Со петтиот пакет за граѓаните повторно се најавуваат и ваучери за туризам. Овој пат наместо 100 евра, нивната вредност ќе биде 250 евра.
За компаниите, наместо субвенции за исплата на минималец, Владата им нуди бескаматни кредити на работодвачите.


За новиот антикризен пакет се зголемуваат индустриите што бараат помош. Угостителството, транспортот, туризмот, тутунарите и медиумите ќе бидат во фокусот. Помош бараат и занаетчиите. Финансиска поддршка, намалување на персоналецот, но измени на Законот за ДДВ.
„Повеќе занаетчиски дејности да влезат во намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% или да се покачи границата за влез на ДДВ од 2 милиони, на 3 милиони денари, бидејќи на тој начин голем дел од занаетчиите ќе излезат од ДДВ обврзници, а особено тоа е проблем на услужните занаетчиски дејности коишто не можат да вршат поврат на ДДВ, туку само го плаќаат.“ – вели Анета Атанасовска, Занаетчиска комора Скопје.
Синдикатот бара субвенциите за плати да продолжат и во наредните месеци. За поддршка на македонската економија синдикатот ѝ препорачува на Владата државните органи да вршат набавки само од домашни компании кои не ја злоупотребиле помошта и не отпуштале работници неосновано.
Целиот петти пакет ќе содржи некаде околу дваесетина мерки, кои доколку брзо поминат во Собранието ќе станат оперативни овој месец. Тоа значи дека јануари нема да биде покриен со државна помош.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.