Кога немате идеја, а ви се јаде нешто набрзина, нешто вкусно и сочно, тогаш направете ја оваа пита која се пече во тиган, на рингла. Само измешајте ги сите состојки и излејте ја содржината во тиганот.
После 10 минути ќе имате приготвен појадок или вечера со неверојкатен вкус. Не треба ништо да се прелива, нема редење на корите во плех или чекање тие да го впијат преливот… Ова е одличен предлог и за ненајавени гости. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 1 лажичка сол, 1 лажичка зачинска црвена пиперка во прав, 100 г рендан кашкавал, 2-3 големи кори (тенки кори за пита). Во зависност од големината на корите, ќе искористите онолку колку што е потребно за да се добие компактна смеса.
ПОСТАПКА: Јајцата скршете ги во еден поголем длабок сад, посолете ги и зачинете ги, па убаво изматете ги со жица маталка. Потоа, постепено започнете да го додавате ренданиот кашкавал и мешајте со лажица или шпатула додека да се изедначи смесата.
Во смесата од јајца и кашкавал започнете да ги цепкате корите на ситни парчиња. Едноставно со прстите кинете мали парчиња и додавајте ги во садот. Кога ќе стигнете до половина, промешајте за да ја оцените густината на смесата, а потоа продолжете. Ако ви е полесно, истото можете да го правите и со ножици.
Откако ќе ги искинете корите, добро промешајте за да се соединат со смесата. Земете еден тиган со средна големина, па добро намастете го. истурете ја во него смесата, рамномерно распоредете да се пополни целата површина, па одозгора малку притиснете и израмнете со шпатулата.
Ставете да се пече на умерена температура и поклопете со капак. Повремено со помош на шпатулата подигнувајте ја питата за да проверите дали е печена, а некаде после пет минути би требало добро да е испечена.
Тргнете го капакот, па одозгора поставете голема рамна чинија, па со придржување, превртете го тиганот за да падне питата во чинијата. Потоа внимателно слизнете ја питата повторно во тиганот за да се испече и од другата страна.
Печете уште приближно пет минути, па извадете ја и сервирајте ја. Отркако ќе се подизлади неколку минути, пресечете ја и послужете ја.