Пишани 120.000 казни преку камерите на „Безбеден град“ за пет месеци

Камерите од проектот „Безбеден град“ за пет месеци регистрирале 120.000 сообраќајни прекршоци. Ова денеска го кажа Панче Тошковски на отчетот за неговото двегодишно раководење со Министерството за внатрешни работи.

„Од 1 февруари, кога стартуваше примената на ‘Безбеден град‘, регистрирано е намалување на сообраќајните несреќи за околу 40 проценти, односно загинале 34 лица, наспроти 55 за истиот период лани. До 22 јуни 2026, преку камерите се регистрирани 120.000 прекршоци, од кои 95 проценти се за пречекорување на дозволената брзина“, рече Тошковски.

Камери од проектот „Безбден град“ има во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10. Тошковски најави дека до крајот на годинава проектот ќе биде целосно имплементиран низ целата држава, опфаќајќи ги поголемите градови и патни правци.

Во отчетот за сработеното, Тошковски рече дека земјава има најниско ниво на криминалитет од последните 20 години, при што ефикасноста е зголемена на 69% и значително е зголемено откривањето сторители.

„Откриени се повеќе од 30 организирани криминални групи. Во областа на корупцијата, сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 поединци и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000“, рече Тошковски.

Пронајдете не на следниве мрежи: