Согласно новата мерка која вчера ја најави премиерот Заев за да добиете 500 евра поврат на ДДВ ќе треба да потрошите нешто повеќе од 22.000 евра. Супер звучи, нели, само прашањето е каде да ги најдете.
Според пресметките на една сметка од 1000 денари околу 848 денари се основицата, а ДДВ-то изнесува 152 денари.
Согласно предлогот, на оваа сума од 152 денари, 15% одат или околу 22 денари би оделе кај граѓаните, а останатите 130 денари во буџетот.
Според тоа, доколку една цела просечна плата од 24.000 денари ја потрошите во продавници и за тоа обезбедите фискални сметки тогаш, месечно би добиле околу 528 денари. Сметките за комуналии не влегуваат во проектот и за нив нема да има поврат на ДДВ.
Премиерот Заев во кампањата на последните парламентарни избори најави дека од овој проект секое семејство ќе инкасира по 500 евра годишно.
Е, па, математиката вели вака: за да повратите 500 евра данок годишно, ќе треба да потрошите нешто повеќе од 22.000 евра. Тоа, пак, значи вашето семејство секој месец треба да троши по повеќе од 1.800 евра без комуналии. Супер мерка, нели? Уште ако откриете каде да ги најдете овие средства, јавете, да ги побараме сите!