Повеќе делови од земјава деновиве беа зафатени со невреме проследено со поројни врнежи, силен ветер, грмежи и електрични празнења.
Вчера во Охрид најмалку 13 лица пријавиле повреди или трауми предизвикани од удар на гром на плажата „Оревче“, додека денеска јавноста се потресе од несреќата со 25-годишно момче од тетовско кое вчеравечер било усмртено од гром додека пасело овци.
Опасноста од удар на гром можете да ја избегнете со запазување на одредени правила на однесување:
Пред заминување на планина или на отворен простор во природа информирајте се за временските услови;
Олуите, како појава, во планините најчести се во летните месеци, после пладне или навечер;
Доколку наидува олуја, побарајте цврсто засолниште;
Доколку сте во ѕидан објект избегнувајте да стоите покрај прозор, отворени врати, камин, метални столбови и метални предмети како што се славина, штекери и електрични прекидачи,
Корисно е правилото 30+30: кога ќе забележите молња и можете да изброите до 30 секунди пред да го слушнете громот, морате да побарате засолниште. Најмалку 30 минути од последната молња и гром не смете да излегувате од засолништето,
Не ги користете мобилните и радио уредите, истите добро спакувајте ги во ранец и на тој начин заштитете ги од оштетување,
Мокри јажиња можат да го доведат громот,
Немојте да стоите и да се движите во голема група. Растурете ја групата, на тој начин, во случај на удар на гром ќе бидат зафатени што помал број на луѓе,
Избегнувајте ги експонираните точки, особено осамените стебла и рабови на шуми,
Избегнувајте носење на метални предмети (секири, ножиња, метален прибор, скали, вили, лопати и слично),
Избегнувајте го просторот блиску до струјните водови, како што се столбовите од жичари и далекуваоди,
Громот може да биде одалечен и до 15 км. пред олујата, доаѓа хоризонтално и може да удари од ведро небо.
Громот е подеднакво опасен на крајот, како и на почетокот на олујата,
Оддалечете се од стени и врвови,
Шаторот не е заштита; кога сте во шатор, доколку е возможно, останете подалеку од металните шипки на шаторот и мократа облека, гумените ѓонови и гумените одела не се заштита од гром,
Во шума најдете засолниште покрај мали и ниски стебла и грмушки
На отворен простор барајте пониски места, пукнатини и долини под услов да немаат вода,
Доколку сепак сте на отворено, клекнете и наведнете се напред ставајќи ги рацете околку колена; ако е возможно, ставете пред себе изолациски материјал како што е ранец, јакна и слично, немојте да лежите испружени на земја,
Доколку почуствувате пуцкетање и подигање на косата (накострешување на косата), или видите сина ареола околку објект, станува збор за електрична активност околку вас, таквото подрачје треба веднаш да го напуштите, доколку тоа не е возможно, клекнете на стопалата, спуштете ја главата и со рацете не ја допирајте земјата,
Со рацете покријте ги ушите, како би ја спречиле повредата на ушните тапанчиња.