Под мотото „Дојде време за првиот претседател Албанец“, ДУИ в сабота ќе одржи промотивна конвенција за својот кандидат Бујар Османи


„Османи на овие избори се натпреварува да победи, но нека биде и последниот претседател избран на овој начин. Претседателот мора да го избира Собранието, како што се избира во парламентарните демократии Грција, Албанија и Косово“, порача координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми во гостувањето на ТВ 21

„Дојде време за првиот претседател Албанец“ е мотото под кое Демократската унија за интеграција (ДУИ) в сабота ќе одржи промотивна конвенција за нивниот претседателски кандидат Бујар Османи. Ова во вечерашното гостување на ТВ 21 го објави потпретседателот на ДУИ и координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми, повикувајќи ги граѓаните да ја поддржат кандидатурата на Османи.

Бујар Османи, министер за надворешни работи и кандидат на ДУИ за шеф на државата

„Ги повикуваме сите граѓани, не само поддржувачите на ДУИ, да ја поддржат кандидатурата на Бујар Османи на промотивна конвенција што ќе се организира в сабота во 18 часот во Спортската сала ‘Кале’. Османи на овие избори се натпреварува да победи, но нека биде и последниот претседател избран на овој начин. Претседателот мора да го избира Собранието, како што се избира во парламентарните демократии Грција, Албанија и Косово“,

изјави Адеми во гостувањето на ТВ 21.

Паралелно на гостувањето на Адеми на ТВ 21, во „Тема на денот“ на ТВ Сител гостуваше актуелниот министер за надворешни работи и кандидат на ДУИ за шеф на државата, Бујар Османи.

Прашан дали ДУИ, со воведувањето на прашањето за избор на претседател во Собранието како дополнителен услов за коалицирање по изборите покрај тој за впишување на Бугарите во Уставот, не го кочи процесот на евроинтеграциите, односно дали овие уставни измени ќе бараат да се спроведат заедно, Османи вели дека тоа е прашање за кое дополнително ќе се разговара. 

„Ние излегуваме на избори со барање, со идеја, претседеталот да се бира во парламентот. Сметаме дека тоа ќе биде додадена вредност“,

рече Османи.

За тоа дали ДУИ ќе коалицира со партија која нема да го прифати овој услов, Османи вели дека тоа е прашање кое ќе зависи од одговорот на граѓаните на изборите и на политичките разговори што ќе следат.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: