Полицијата спречи самоубиство на малолетник од Скопје откако објави на социјалните мрежи

Секторот за киберкриминал при Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на последните 24 часа, како дел од редовните активности за следење на дигиталниот простор, на социјална мрежа е откриена објава со содржина што укажува на можна самоубиствена намера од страна на малолетен корисник.

Веднаш по приемот на информацијата, преземени се итни и координирани дејствија, при што се преземени сите потребни мерки и активности за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето. За кратко време, корисникот е пронајден, разговаран и е утврдено дека лицето е безбедно и во добра состојба. За инцидентот се информирани и родителите, кои се запознаени со општата состојба и понатамошните чекори.

Овој настан уште еднаш ја истакнува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите луѓе во дигиталниот простор. Ги повикуваме родителите да одржуваат редовна и отворена комуникација со своите деца, да покажуваат интерес за нивните активности на социјалните мрежи и веднаш да реагираат кога ќе забележат повлекување, вознемиреност, заканувачки или вознемирувачки објави и друго необично однесување.

Во исто време, ги повикуваме пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави со содржина што се однесува на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги користат механизмите за пријавување на оваа платформа и доколку го знаат идентитетот на лицето, да го известат својот родител, старател, наставник, друго постаро лице или најблиската полициска станица.

Навремената реакција може да спаси човечки животи. Споделената одговорност, вниманието и грижата се од суштинско значење за спречување на трагедии. Секторот за киберкриминал останува посветен на заштитата на граѓаните во дигиталниот простор и ќе продолжи со засилени активности насочени кон рано откривање и спречување на опасни појави.
The post Полицијата спречи самоубиство на малолетник од Скопје откако објави на социјалните мрежи appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: