За ручек подгответе полнети пиперки на мексикански начин – раскошен фил со пченка и кашкавал што се топи.
Полнети пиперки е едноставно, а вкусно јадење кое Македонците го обожаваат и е цврсто втемелено во македонската кујна, а се прави и во други балкански држави, како Грција, Србија, Хрватска и Албанија.
Ако сте љубител на полнети пиперки, тогаш дефинитивно треба да ја пробате и мексиканската верзија. Во Мексико филот содржи пченка, а меѓу двата слоја месо се става рендан кашкавал.
Потребни состојки:
5 бабури
1 кромид
3 чешниња лук
350 гр мелено говедско месо
¼ чаша доматна паста
320 мл пилешки булјонн
½ чаша ориз
1 чаша пченка
1 чаша ситно сечкан млад кромид
150 гр кашкавал*
125 мл вода
масло
½ лажичка каенска пипер
1 лажица суво оригано
2 лажички ким
2 лажички коријандер
1,5 лажичка кромид во прав
¾ лажичка сол
*Рецептот на видеото вели моцарела, меѓутоа станува збор за рецепт прилагоден на европската кујна. Моцарелата не е мексиканска, па затоа можете да употребите кашкавал по ваш избор. Мексиканците полнетите пиперки ги прават со кесо фреско, познато и ккао кесо бланко, кравји кашкавал кој е бел како моцарелата.
Подготовка:
Тенко исечете го врвот на секоја пиперка (каде што е рачката), а потоа отстранете ги семките. На малку масло во тавче пропржете го ситно исечканиот кромид, а кога ќе омекне додадете го и сечканиот лук. Додадете го месото и промешајте, па оставете да се пропржи. Посолете, посипете со каенска пипер, оригано, ким, коријандер и кромид во прав. Повторно добро измешајте и додадете ја доматната паста. Оставете уште минута, па додадете го оризот што претходно сте го измиле, пченката што сте ја процедиле и булјонот (коцка за супа измешана со врела вода). Промешајте и оставете да се крчка околу 15 минути. На крајот додадете сечкан млад кромид, а може и власец. Наполнете ги пиперките до половина со добиената смеса, а потоа посипете ги со рендан кашкавал, па потоа продолжете да филувате со смесата од месото. Секоја пиперка затворете ја со врвот и наредете ги во огноотпорен сад. Истурете вода и покријте со алуминиумска фолија. Се пече во загреана рерна на 180°C околу 45 минути. Потоа извадете ја фолијата и посипете со преостанатиот кашкавал, па печете уште 5-10 минути.