Ново истражување покажа дека мелатонинот може да ја ублажи хроничната мускулно-скелетна болка речиси исто толку ефикасно како и лековите против болки што се продаваат без рецепт.
Истражувачите го анализирале ефектот на мелатонинот врз хроничната болка, која трае три месеци или подолго, и врз акутната болка по операции како што се замена на колено и колк, процедури на ‘рбет и третман на фрактури. Според резултатите, придобивката била најизразена кај хроничната мускулно-скелетна болка, додека не е забележан подеднакво јасен ефект кај постоперативната болка.
Кангчао Ву, докторант и истражувач по физиотерапија на Факултетот за здравствени науки при Универзитетот во Сиднеј, рече дека мелатонинот може да делува на два начина.
„Мелатонинот може да има некои сопствени својства за ублажување на болката, како што се антиоксидантни и антиинфламаторни ефекти, кои се многу важни за време на процесот на болка“, вели тој.
Тој додаде дека хормонот може индиректно да помогне со подобрување на сонот, намалување на анксиозноста и депресијата поврзани со болка и помагање на луѓето да останат активни во текот на денот.
Ву наведува дека разликата веројатно се објаснува со самите причини за болката, бидејќи постоперативната болка е акутна, додека хроничната мускулно-скелетна болка често се поврзува со долгорочни проблеми како што се лош сон, воспаление и зголемена чувствителност на нервниот систем. Затоа, истражувачите го гледаат мелатонинот како додаток на постоечкиот третман, а не како замена за терапијата.
Студијата покажа дека мелатонинот е безбеден на краток рок при ниски дози, помалку од три месеци и во доза помала од пет милиграми, при што повеќето студии користеле три милиграми. Најчестите несакани ефекти биле главоболка, гадење и дневна поспаност, но тие се јавувале со приближно иста фреквенција како и кај плацебо групата.
Сепак, експертите советуваат да се консултирате со лекар пред да земете мелатонин за ублажување на болка, особено за луѓе кои веќе користат други лекови или имаат медицински состојби како што се ревматоиден артритис и заболување на бубрезите или црниот дроб. Се наведува дека долгорочната безбедност на употребата и оптималната доза сè уште не се доволно разјаснети.
The post Популарно средство за спиење може да помогне во ублажување на хроничната болка appeared first on Во Центар.



