Пилотите и кабинскиот персонал на германската авиокомпанија „Луфтханза“ во Германија денеска стапија во целодневен штрајк.
Прекинот на работата е резултат на конфликт со синдикатите околу напорите на авиокомпанијата да ги намали трошоците и да ја зголеми профитабилноста. Иако точниот број на засегнати летови не е објавен, компанијата објави „бројни откажувања“, а нормализација на сообраќајот не се очекува пред петок, пренесе „Дојче веле“.
Авиокомпанијата ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови и понуди бесплатна замена на авионски карти со железнички билети. Дел од летовите од поголемите аеродроми во Франкфурт и Берлин сепак ќе се реализираат.
Штрајкот го организира синдикатот на пилоти ВЦ, кој бара зголемување на уплатите во пензиските фондови. Одделно, синдикатот на кабинскиот персонал УФО стапи во штрајк поради најава за гасење на операциите на „Сити лајн“, подружница на „Луфтханза“ за кратки летови, и одбивање на компанијата да преговара за социјален план.
„Луфтханза“ одговори дека нема финансиски капацитет за дополнителни трошоци и ги оцени барањата како претерани.



