Дури 28 отсто од Германците не можат да си дозволат една недела на одмор, а море за жал нема да видат ни 42 отсто од Хрватите. Дури ни сите Чеси не можат да си дозволат да одат на море – 18 отсто од нив немаат доволно пари да одат некаде 7 дена. Ова се податоците на истражувањето кое го објави „Eurostat“ за оваа година, се наведува во текстот на хрватскиот „Dnevnik“.
„Туристичките работници се жалат околу т.н. „патлиџан-туристи“ бидејќи тие малку трошат, а ние со задоволство би сакале да го купат тој домат кај нас, за 3 пати поголема цена – во ресторан. Бидејќи сте „патлиџан-турист“ ако не трошите на ништо друго освен на сместување“, наведува авторката на текстот, Барбара Сладе Јагодиќ.
„Бидејќи во последната деценија нашите соседи од Босна и Херцеговина, кои ги заменија Чесите, им беа трн во око на бројните угостители, а поради што како далматинка се чувствувам лошо кога читам такви изјави, сакам да кажам една неугостителска порака за т.н. „патлиџан-туристи“: секоја чест што успевате да дојдете и покрај беспарицата!“, напишала авторката и додала:
„Секоја чест што сте штеделе за да патувате со полн багажник и сте се сместиле некаде кај наши луѓе, кои од година во година сè поскапо ви го наплаќаат истиот апартман со истите даноци. Сега ќе скокнат и ќе викаат: „Па струјата е скапа!“. Вистина, но не за 150 отсто, колку што се покачени цените во последните неколку години. Сега се фалат и дека имаат начин како да ви го исклучуваат клима уредот додека не сте во апартманот, бидејќи зошто би ве дочекал разладен простор? Кога сте дошле да се капете, капете се во пот.
А знаете што е најсмешно? Истите тие луѓе кои ви се потсмеваат оваа зима на скијање преку граница ќе носат сарми и грав во багажникот за да заштедат.
Нашите носат храна на скијање, но имаат среќа бидејќи не се гледа дека си „патлиџан-турист“ во затворен апартман. Овие на плажа веднаш се откриваат. Особено им одат на нерви на сопствениците на рестораните за брза храна и бич-баровите. Тие безобразни сами си носат вода на плажа, па дури и сок во пренослив фрижидер и на тој начин избегнуваат да му платат на концесионерот 20 евра. На секоја поголема плажа има барем 10-20 од тие „патлиџан-туристи“, но и сите оние 200 луѓе сигурно донеле шише вода со себе и некои кекси. Тоа треба да се забрани! Потребни нѝ се „квалитетни“ гости кои ќе платат 5 евра за половина литар вода, иако и таа од чешма е добра, и ќе јадат патагониски лигни за 25 евра. А мене ми е срам во име на тие кои ги прозиваат гостите“, вели Барбара.
Срамота е некого да нарекувате „патлиџан-турист, се наведува во текстот, бидејќи туристот дошол до Хрватска со она со што можел.
„Сигурно не спие на плажа, а и на децата веројатно треба да им купи сладолед кој не може да се спакува во торби. „Патлиџан-туристите“ нѝ ги спасуваа сезоните кога не бевме популарна дестинација. На крајот на краиштата, сите пораснавме грицкајќи нешто на плажа. Тогаш секој можеше да си дозволи една недела на море. Порано се носеа домати од Загреб до море, но ние само накриво ги гледавме Чесите затоа што очекувавме да не се однесуваат како нас“.
Денеска, посочува авторката, успех е да стигнеш до море и да платиш сместување, тоа не може да го направи речиси половина од населението во Хрватска. „Подигнете му споменик на секој што ќе дојде кај вас. И никогаш повеќе не кажувајте никому дека троши премалку. Затоа што за некои тоа е премногу“, заклучува Барбара.