Порака до Западот? Путин леташе во суперсоничен бомбардер способен да носи нуклеарно оружје


Рускиот претседател Владимир Путин денеска леташе со модернизиран стратешки бомбардер Ту-160М кој може да носи нуклеарно оружје, потег што веројатно на Запад ќе се толкува како јасен потсетник за нуклеарните способности на Москва, коментираат аналитичарите.

Огромниот авион со ротирачки крила, кому НАТО му даде кодно име „Блекџекс“ (Blackjacks), е модернизирана верзија на бомбардерот од времето на Студената војна што поранешниот Советски Сојуз би го распоредил во случај на нуклеарна војна за да испорача оружје на долги растојанија.

Државната телевизија го прикажа Путин како се спушта по скалите од авионот по летот и им кажува на новинарите дека тоа е сигурен и модернизиран авион што може да го прифатат руските воздухопловни сили.

– Тоа е нова машина, многу работи се нови. Полесно е да се контролира. Сигурен е, рече Путин.

Некои руски и американски дипломати велат дека не можат да се сетат кога односите меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот биле толку лоши, вклучително и за време на кубанската ракетна криза во 1962 година.

Руската државна телевизија го прикажа џиновскиот авион, кому Русија му го даде прекарот „Бел лебед“, како полетува и слетува на пистата што и припаѓа на фабрика во Казан што го произведува модернизираниот суперсоничен авион.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека патеката на летот на авионот е воена тајна. Летот со Путин траел 30 минути, пренесоа руските новински агенции.

Ту-160М, кој има четиричлен екипаж, може да носи 12 крстосувачки ракети или 12 нуклеарни ракети со краток дострел, додека може да прелета 12.000 километри без да застане за полнење гориво.

Руската нуклеарна доктрина наложува употреба на нуклеарно оружје во случај на „закана за постоењето на државата“.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, постојано предупредува на ризикот од нуклеарен конфликт со Западот откако Москва ја почна инвазијата врз Украина во 2022 година.

Путин, кој е врховен командант на руските вооружени сили, во октомври изјави дека постоењето на руската држава не е загрозено и оти „ниту еден човек со здрав ум и со јасна меморија не би помислил да употреби нуклеарно оружје против Русија“.

Путин (71) летал во старата верзија на авионот Ту-160 во 2005 година за време на вежба.

Според договорот потпишан во 2018 година, 10 модернизирани нуклеарни бомбардери Ту-160М треба да бидат испорачани на руските воздухопловни сили до 2027 година. Цената за еден авион изнесува 15 милијарди рубљи (163 милиони долари).

Тупољев, производителот на авионот, вели дека модернизираната верзија е за 60 проценти поефикасна од постарата верзија со значителни подобрувања во вооружувањето, навигацијата и авиониката.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: