Кремљ денеска соопшти дека поврзаноста меѓу Украина и осомничениот напаѓач во обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп покажува дека „играњето со оган“ има последици.
Запрашан за тоа што ФБИ го нарече обид за атентат врз Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече: „Не треба да размислуваме ние, туку американското разузнавање. Во секој случај, играњето со оган има последици“.
Коментарот се однесуваше на поддршката на Соединетите Американски Држави за Украина во војната против Русија.
„Си-Ен-Ен“, „Фокс Њуз“ и „Њујорк Тајмс“ го идентификуваа осомничениот како 58-годишниот Рајан Весли Роут од Хаваи, повикувајќи се на неименувани службеници за спроведување на законот.
Три профили на социјалните мрежи со името на Рут сугерираат дека тој бил жесток поддржувач на Украина во нејзината војна против Русија.
„Њујорк тајмс“ објави дека го интервјуирал Рут во 2023 година за напис за Американците кои доброволно се пријавиле да им помогнат на украинските воени напори.
Рут за „Тајмс“ изјавил дека отпатувал во Украина и таму поминал неколку месеци во 2022 година и дека се обидувал да регрутира авганистански војници кои избегале од Талибанците за да се борат во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди обидот за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат Трамп и рече дека политичкото насилство е секогаш неприфатливо.
„Мило ми е што слушнав дека Доналд Трамп е безбеден и неповреден. Ги испраќам моите најдобри желби до него и неговото семејство“, рече Зеленски на социјалната платформа „Икс“.