Од друга страна, според високи претставници на милитантната палестинска група, топката сега е кај САД, да го притиснат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се врати на преговорите откако Израел не испрати свои претставници во Каиро каде што неколку дена се водат разговори околу постигнување на договор за шестнеделен прекин на огнот во Газа
Американскиот претседател Џо Бајден вчера го повика Хамас да го прифати договорот за прекин на огнот во Газа до почетокот на светиот муслимански месец Рамазан додавајќи оти во спротивно ситуацијата може да стане многу опасна, пренесува британски „Гардијан“.
Повикот на Бајден доаѓа во период кога претставници на Хамас и на САД се во главниот град на Египет, Каиро, на средби со катарските и египетските посредници на кои се преговара за договор за шестнеделно примирје во Газа.
Во меѓувреме, како што пренесува Франс прес, египетската телевизија Ал Кахера њуз, која се смета за блиска до разузнавачките служби на земјата, објавила дека разговорите во Каиро треба да продолжат денеска, четврти ден по ред.
„Тоа во моментов е во рацете на Хамас… Мора да има прекин на огнот поради Рамазан – ако влеземе во околности ова да продолжи за време на Рамазан, во Израел и Ерусалим може да бидат многу, многу опасно“,
вели Бајден во изјава за медиумите.
Американскиот претседател не даде дополнително образложение на на своите наводи, пишува „Гардијан“, потсетувајќи дека САД минатата недела го повикаа Израел да им дозволи на муслиманските верници да ги одржат верските обреди во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во Ерусалим за време на Рамазан.
Од друга страна, сè поизвесниот противкандидат на Бајден на претседателските избори во САД, што треба да се одржат во ноември, Доналд Трамп вчера изрази поддршка за Израел во војната во Газа во, како што пренесува АФП, досега најексплицитниот коментар за војната на Блискиот Исток.
Во интервју за Фокс њуз, прашан дали е во таборот на Израел, Трамп одговорил: „Да“. На дополнително прашање дали се согласува со начинот на кој Израел ја спроведува својата офанзива во Газа, Трамп одговорил:
„Мора да ставите крај на проблемот“,
рекол поранешниот американски претседател и кандидат од редовите на републиканците за нов мандат на функцијата.
Инаку, според медиумските извештаи што ги пренесува „Гардијан“, преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас најверојатно се заглавени, на неколку дена пред Рамазан кој почнува на 10 кон 11 март.
Дводневните разговори меѓу Хамас и меѓународните посредници во Каиро не донесоа никаков значаен напредок, изјавиле палестински претставници откако Израел одби да испрати своја делегација на последната рунда преговори.
Шефот на политичкиот оддел на Хамас во Газа, Басем Наим преку СМС-пораки има кажал на новинарите дека Бенјамин Нетанјаху не сака да постигне договор и оти топката сега е кај Американците да го притиснат израелскиот премиер да се врати на преговарачката маса.
Неименуван висок функционер на Египет за Ал Кахера њуз изјавил дека преговорите се тешки, но продолжуваат.