Денеска, на свечена церемонија, Фондот за иновации и технолошки развој ги врачи ваучерите за иновации на Западниот Балкан, со кои се поддржани 20 научно-истражувачки проекти. Овој настан ја истакна важноста на стратешката соработка меѓу академскиот свет и бизнис секторот, кој служи како двигател на одржливите иновации и долгорочната национална конкурентност, што е клучен дел од Стратегијата за паметна специјализација. Во рамки на повикот беа примени 35 апликации, од кои 20 проекти добија иновациски ваучери. Секој ваучер вреди до 8.000 евра без ДДВ и покрива до 80% од трошоците за услуги од високообразовни и истражувачки установи. Средствата ќе се користат за развој на нови или за подобрување на постојни производи, процеси или услуги, како и за изработка на докази за концепт, физибилити студии, лабораториски и демонстративни прототипови, различни видови тестирања, валидација на технологијата, развој на специјален софтвер, како и за ИПР и трансфер на технологија.
„Ваучерите претставуваат повеќе од само финансиски инструмент; тие се мостови што ги спојуваат идеите со нивната практична имплементација, научните откритија со пазарот, и визиите со испорачани резултати. Со вакви иницијативи се стремиме да создадеме средина каде научно-истражувачката активност е активно поттикната и секоја нова идеја ја добива потребната поддршка за да стане успешна“ изјави Никола Додов, в.д. директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Од поддржаните 20 проекти, вкупно 40 чинители од различни економии на Западниот Балкан се вклучени, што придонесува за поттикнување на прекуграничната соработка во регионот. Овие проекти се насочени кон клучни приоритети како зелена и дигитална трансформација, здравство и развој на одржлив и конкурентен Западен Балкан. Следните девет месеци ќе бидат од клучно значење за успешна реализација на планираните активности и демонстрација на резултати кои ќе помогнат кон економското и технолошко развивање. Повикот е спроведен во склоп на европскиот проект „Policy Answers“, во кој ФИТР има водечка улога во пилотирањето на мерките за поддршка на истражување, развој и иновации низ сите економии на Западниот Балкан. Овој проект цели кон зајакнување на соработката меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во сфери како образование, иновации, истражување и младите. Фондот за иновации и технолошки развој најави и зголемен вложувања во иновациски активности во 2025 година, со цел создавање стабилен екосистем каде науката и претприемништвото ќе се развиваат заедно.
The post Поттик за соработка помеѓу академијата и бизнисот appeared first on 365.mk.