Почина гувернерот на Ријад, принцот Сатам бен Абдел Азиз ал-Сауд

Гувернерот на Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, принцот Сатам бин Абдул Азиз ал-Сауд, почина на 73 годишна возраст, објави во вторникот повикувајќи се на кабинетот на саудиската монархија официјалната агенција на кралството SPA.

 
Принцот Сатам, син на основачот на Саудиска Арабија, кралот Абдул Азиз ал-Сауд, и брат на актуелниот монарх, Абдула, должноста гувернер на Ријад ја извршуваше од пред две години. Претходно речиси четириесет години тој беше заменик-гувернер на саудиската престолнина во којашто живеат повеќе од пет милиони луѓе.
Според западните медиуми кои известуваат од Саудиска Арабија, принцот Сатам последните неколку години бил тешко болен.
Принцот Сатам е третиот починат во последните две години син на основачот на кралството. Во 2011 и 2012 година, Саудиска Арабија остана без двајцата принцови наследници, Султан бин Абдул Азиз ал-Сауд и Наиф бин Абдул Азиз ал-Сауд.
Принцот Сатам уште од најрана возраст започнал со образованието во школата за принцовите во Ријад, а потоа го посетувал институтот Ал-Анџаал. Студирал во Англија и во САД, каде што се стекнал со диплома од бизнис администрација, на американскиот универзитет Сан Диего во 1965 година.
Потоа во периодот од 1979 до 2011 година беше заменик гувернер на Ријад, а од 5-ти ноември 2011 година беше именуван од кралот Абдула за гувернер на престолнината.
Принцот Сатам беше на чело на многу хуманитарни мисии и организации, а за него важеше дека има многу добри односи со меѓународните дипломатски мисии во Саудиска Арабија.
Макфакс
Гувернерот на Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, принцот Сатам бин Абдул Азиз ал-Сауд, почина на 73 годишна возраст,

Пронајдете не на следниве мрежи: