Почина Ивко Панговски, доајенот на македонското спортско новинарство

Во 88-та година од животот почина доајенот на македонското спортско новинарство Ивко Панговски. Препознатлив по својот глас, тој повеќе од половина век ги пренесуваше највозбудливите спортски настани на Радио Скопје. Засекогаш ќе остане запаметен неговиот коментар: “Гол, гол….не е гол“.
Во 1948 година од весникот “Единство“ Ивко Панговски преминува во Радио Скопје, каде што останува до пензионирањето во 1989 година. Беше неуморен до последен ден, секогаш во кругот на спортистите и на спортските работници.
Половина век има поминато со микрофонот на Радио Скопје, коментирајќи го и првиот пливачки маратон во Охрид во 1962 година, потоа најтажниот пренос на “Вардар“ веднаш по земјотресот во Скопје, а известувал и од погреб. Паралелно му бил и 30 години стенограф на Тито и присуствувал на разни затворени седници во Владата на СФРЈ. Неколку децении беше репортер на Радио Скопје од натпреварите на ФК “Вардар“, коментираше од европски и светски првенства, од Олимписки игри. Добитник е на многу признанија, автор на неколку книги со спортска тематика.
Ивко Панговски е втор човек кој добил “Златна плакета“ од Фудбалскиот сојуз на Југославија. Прв е Перо Коробар, претседател на фудбалски сојуз на Југославија кој бил и претседател на Врховен суд на Југославија и претседател на Уставен суд на Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.