Почина концерт-мајсторот во МОБ, Ѓоко Николовски

Денес почина виолинистот и концерт – мајстор во МОБ, Ѓоко Николовски информираат од Македонска опера и балет. Роден на 14 август 1927 година во Битола тој бил највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки.

Во Операта и балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање. Таму го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Работел како виолинист, а набрзо станал прв концерт-мајстор и таму останал повеќе од 30 години. Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и многу други.
Соработката со врвни светски диригенти придонела Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави.
Посмртните останки ќе бидат изложени во недела од 11 до 12 часот, во капелата на гробиштата Бутел, се наведува во соопштението од МОБ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.