Почина претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли

David Sassoli
Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, почина во текот на изминатата ноќ, во Авијано, Италија. Портпаролот на ЕП, Роберто Куиљо на Твитер напиша дека Сасоли починал во центар за онкологија во регионот Фриули Венеција. 65-годишниот Сасоли во болницата престојувал повеќе од две недели „поради тешки компликации настанати поради проблеми со имунолошкиот систем“.
Сасоли во септември во болница се лекуваше од воспаление на белите дробови, по што неколку недели не ги извршуваше обврските како претседател на ЕП. Претходно има прележано и леукемија.
Социјалдемократот Сасоли го презеде претседавањето со Европскиот парламент по европските избори во 2019 година. Веќе имаше најавено дека нема да се кандидира за уште еден мандат. Според наводи од ЕП, европските пратеници наредната недела во Стразбур треба да изберат негов наследник или наследничка.


Сасоли, роден во Тоскана на 30 мај 1956 година, по студиите по политички науки работел како новинар во весници и новински агенции, а потоа и за италијанскиот радиодифузен сервис. Ги презентирал вечерните вести на Раи Уно, а во 2007 година станал заменик директор на информативната програма ТГ1.
David Sassoli | EU-Parlament Sitzung am 9.6.2021
Давид Сасоли ги водеше дебатите во ЕП со цврста рака
Во 2009 година станува европски пратеник од редовите на социјалдемократската партија ПД. Неговиот избор за претседател на Европскиот парламент беше изненадување за многумина, со оглед на тоа што Италија во 2019 година имаше двајца свои луѓе на врвни позиции – Марио Драги на чело на Европската цнетрална банка и Федерика Могерини на функцијата Висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика. Сасоли тогаш оцени дека неговиот избор е јасен знак за независноста на Европскиот парламент во борбата за моќ меѓу владите на државите на ЕУ.
Давид Сасоли, меѓу другото, важеше за критичар на миграциската политика на многу членки на ЕУ. Тој постојано се залагаше за бегалците. Дебатите во ЕП ги водеше со цврста рака. Неговиот мандат беше во знак на пандемијата на корона. Во знак на солидарност среде кризата со пандемијата, тој празните сали на ЕП во Стразбур и Брисел ги стави на располагање за подготовка на оброци на луѓето во нужда и за Ковид-центар за тестирање.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.