Почина режисерот Сашо Миленковски

Почина режисерот Сашо Миленковски, потврдија од Драмски театар Скопје. Имаше 63 години.

Неговата професионална кариера започнува уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988-1991), кој се разви во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.

Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа. Неговиот опус се одликува со разновидност – од класични автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови. Особено значајно место во неговото творештво имаат поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.

Меѓу најзначајните негови режии се праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар (1992), која освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“ поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде значаен придонес во промоцијата на Дуковски, кој подоцна се етаблира како еден од најизведуваните македонски драмски автори во светот.

Покрај тоа, успешно ги поставува и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Важен дел од неговиот опус се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје. Миленковски успешно ги реализира во авторски сценски проекти и своите текстови „Коледе“, „Game over“ и „Ова не е американски филм“. Воедно, неговиот придонес кон независната сцена е значаен преку основањето на театарот „Бабилон“ во 1999 година.

Во периодот од 2006 до 2010 година ја извршува функцијата директор на Македонскиот народен театар (МНТ), а од 2010 година е драматург во Драмски театар – Скопје, каде што активно учествува во креирањето на современиот репертоар.

Годинава ја доби и Наградата за животно дело на театарскот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Беше сопруг на актерката Билјана Беличанец која почина во 2019. Татко е на режисерката Хана Миленковска.

Пронајдете не на следниве мрежи: