Почина уште едно лице од големата трагедија во кочанската дискотека „Пулс“. Пациент кој бил на лекување во Литванија со тешки изгореници по телото е 61 жртва од страшниот пожар. Повеќе детали се очекуваат да соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.
Во петокот почина 29-годишниот Александар Карадакоски, кој исто така се лекуваше во Литванија. Поради вдишаниот чад, 90 проценти од дишните органи му биле оштетени и тоа била причина за смртта. Проблем претставувале и изгорениците кои зафаќале речиси 40 проценти од површината на неговото тело и предизвикале рани и инфекции. Му откажале и бубрезите, па на 1-ви април бил ставен на дијализа. По пожарот, Карадакоски бил донесен на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, а 24 часа подоцна транспортиран во Литванија. Телото е вратено во земјава, а погребот ќе се одржи утре (08 април) во 14 часот, а од 12 часот ќе биде изложено во градската капела во Кочани.
Познато е дека Карадакоски на хартија бил управител на кочанската дискотеката, но работел како шанкер. Беше меѓу 27-темина осомничени за трагедијата во Кочани. Обвинителството против него ја запре истрагата.
78 повредени од пожарот во Кочани сè уште се на болничко лекување. Од нив деветмина се во македонските здравствените установи, а 69 се лекуваат во странските медицински центри.
Според Таравари, исправна е одлуката дел од пациентите да се пратат во странство зашто и земји како Турција или Германија, со голем капацитет, не ќе можеа и ќе имаа проблем да изменаџираат повеќе од 190 лица со изгореници. Министерот уште еднаш ја повика Владата да ги разреши сите четири несреќи што се случија во изминатите пет години и во кои имаше повеќе од сто жртви.