Почина Ѓорѓи Наумов, првиот министер за правда во независна Македонија

На 90 годишна возраст денеска почина Ѓорѓи Наумов, првиот министер за правда во независна Македонија, кој на оваа функција беше од 20 март 1991 до 4 септември 1992. Тој беше еден од активните политички чинители во 90-те години на минатиот век и министер за правда во првата Влада на Република Македонија избрана по воведувањето на политичкиот плурализам и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година. На нејзино чело беше избран Никола Кљусев, а по својот карактер беше експертска, техничка Влада.
Во деведестите години Наумов беше дел од познатата штипска политичка четворка, Киро Глигоров, Никола Кљусев и Јордан Мијалков кои ги удрија темелите на независна Македонија.
Наумов е роден штипјанец, кој основното образование го завршил во родниот град, а Правен факултет во Скопје. Магистрирал на правни науки на Универзитетот во Загреб. Професионално кариерата ја почнува во Јавното обвинтелство, а извесен период бил и заменик Републички обвинител.
Заедно со Никола Кљусев е дел од првата македонска Влада, каде од 20 март 1991 до 4 септември 1992 година бил министер за правда на Република Македонија, како прв на таа функција. Во 1998-та година повторно е дел од Владата како министер без ресор. Последна активност му е на чело на Комисијата за односи меѓу верските заедници. Како член на ВМРО ДПМНЕ бил активен и во партиските тела.
Автор е на книгата „Мојот од во плурализмот“ во која пишува за своите лични искуства во периодот од 1990 до 2003-та година. Семејството на Наумов соопшти дека погребот ќе се изврши на 9 ноември 2020 година на Градските гробишта во Штип. Посмртните останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во Градската капела, а опелото ќе биде извршено во црквата „Света Тројца“ во Штип.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.