Почнаа учебните години во Словенија и во Србија: Маскирани деца во училишни клупи

Словенечките и српските основци и средношколци денеска со маски на лицата и примена на низа други превентивни мерки ја почнаа новата учебна година, почитувајќи ги прилагодувањата препорачани од здравствените власти поради епидемијата на ковид-19.
Во Словенија часовите во основните училишта се организираат според моделот „Б“, еден од четирите различни модели на прилагодување во зависност од епидемиолошката состојба во земјата.
Според овој модел, училиштата мора да обезбедат соодветно физичко растојание помеѓу одделенијата и проветрување на просториите, а учениците мораат да носат маски, редовно да ги мијат рацете и да го консумираат оброкот во училница во групи. Училиштата се должни да обезбедат маски за децата што не носат од дома. Нема конкретен одговор на прашањето што да се прави со децата чии родители одбиваат да носи маска.
Препораките за носење маски ќе се прилагодуваат секој петок за следната недела, во зависност од развојот на епидемиолошката состојба. Ако на крајот на оваа недела, на пример, бројот на новозаболени од ковид-19 е помал од 140 во последната недела, маски во основните училишта ќе носат само учениците во последните три одделенија.

Во Србија новата учебна година се организира под посебни услови, со помалку деца во училница и почитување на препорачаните мерки. Министерот за образование, Младен Шарчевиќ, изјави дека се зајакнати дежурствата, учениците ќе мора да носат маски и да одржуваат растојание, а училниците почесто ќе бидат дезинфицирани.
Наведувајќи дека 97 проценти од родителите во Србија се изјасниле нивните деца да одат на училиште, Шарчевиќ објасни дека во 38 проценти од училиштата нема да има потреба да се делат во групи до 15 ученици.
Во Грција отворени градинките
Без ограничувања во однос на капацитетите, регуларно, за сите деца, но со строго почитување на мерките, вчера во Грција беа отворени детските градинки, јави МИА од Атина.
Маската е задолжителна само за вработените, а пак за децата е доброволна.
За разлика од градинките, маската ќе биде задолжителна во забавиштата за деца од четири до шест години, како и за сите ученици во основните и средните училишта, кои веројатно ќе се отворат на 14 септември.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.