Почнува Стратешкиот Дијалог меѓу Северна Македонија и САД

Делегација на Владата на Северна Македонија, предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, од денес престојува во Вашингтон, каде ќе учествуваат на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД. Преку видео-конференциска врска на Стратешкиот дијалог ќе се приклучи и заменичката на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Министерство за надворешни работи

Во фокусот на Стратешкиот дијалог ќе бидат темите од билатералните односи, но ќе стане збор и за прашања од глобален интерес. Значајно место во разговорите ќе имаат темите од областа на регионалната соработка, одбраната и безбедноста, енергетиката, економската соработка, трговијата и инвестициите, културната соработка, како и прашањата од областа на образованието, демократскиот развој, борбата против корупција и сл.

Воедно, ќе стане збор и за евроинтегративните процеси на Северна Македонија и регионот, идното претседавање на земјава со ОБСЕ во 2023 година, како и актуелните безбедносни предизвици и нивните импликации врз трансатлантската безбедност.

По завршувањето на Стратешкиот дијалог ќе биде донесена Заедничка изјава меѓу Северна Македонија и САД, со која ќе бидат реафирмирани заедничките заложби за понатамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.

Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која отвара Стратешки дијалог со САД кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво.

Пронајдете не на следниве мрежи: