Денес поднесов кривична пријава за загрозување на безбедноста против заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов.
Пред неколку месеци, Кире Михаилов објави видео од мое обраќање во Советот на Град Скопје, по што следуваа стотици коментари со закани, навреди и повици за физичко и сексуално насилство. Наместо да ги осуди, функционерот поставен во својата фотеља од ДПМНЕ ги одобруваше, ги поттикнуваше и уживаше во атмосферата на линч.
Не е тајна дека кривичните пријави поднесени од Левица многу често завршуваат во фиоките на обвинителството, особено кога се насочени против функционери на власта. Токму затоа нема да дозволам и оваа пријава тивко да биде архивирана, особено затоа што овој случај е поголем од дневно-политичките кавги.
Јас сум јавен функционер. Имам пристап до адвокат, јавност и медиумски простор. Илјадници жени во Македонија го немаат тоа. Тие со години пријавуваат семејно насилство, демнење, сексуално вознемирување и закани, а институциите премногу често реагираат дури откако насилството ќе ескалира. Некои жени никогаш не ја дочекуваат таа реакција.
Ако државата го заштити Кире Михаилов, нема да заштити само еден човек. Ќе го заштити правото на секој политички именуван функционер да поттикнува насилство врз жена без да сноси последици.
Затоа што ако јавен функционер не се плаши да поттикнува физичко и сексуално насилство врз жена политичар, тогаш што ѝ кажува државата на жената која нема функција, нема медиуми, нема адвокат и нема политичка партија зад себе?
Со кое право утре ќе ја убедуваат да пријави насилство? Со кое право ќе ѝ ветуваат заштита, ако денес не се подготвени да гонат човек кој тоа го правеше јавно, под свое име и од позиција на власт?
Ако институциите одлучат да го штитат својот функционер, тогаш ќе мора тоа да го направат пред очите на целата јавност. ОЈО Скопје, сега вие сте на ред.




