Потврда за завршена вакцинација или негативен ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19, заедно со пополнет PLF формулар и понатаму се задолжителни за влез во Грција, согласно новата министерска одлука на грчката Влада во која актуелните правила се продолжени за уште една седмица, односно до 21 јуни 2021 година.
Во новата одлука што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а стапува во сила утре во 6 часот наутро, нема никакви промени во однос на претходната, а Северна Македонија и понатаму е една од 23-те трети земји за кои постои исклучок од забраната за влез во Грција.
Кон Северна Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.
Во посебен член од министерската одлука, детално се опишани предусловите и неопходните документи за влез во Грција.
Сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат, а се поврзани со Ковид-19.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората опција е со негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа пред патувањето, во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија и да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Освен двете опции, алтернативно, како што пишува во министерската одлука, посетителите на Грција, може да достават сертификат за прележана болест или позитивен резултат од направен ПЦР или антигенски (брз) тест со валидност од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот и да се поминати 30 дена од првиот позитивен резултат. Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Со оглед на тоа што Грција, веќе го воведе дигиталниот Ковид сертификат, додадена е и оваа можност како алтернатива, односно туристите можат да влезат во земјата со ваков сертификат во дигитална или печатена форма, кој треба да ги содржи податоците во врска со вакцинацијата или резултатот од последната проверка со употреба на брзи антигени тестови или ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Доколку бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.
Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен, карантин, додека пак ако се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена, а на последниот ден од карантинот, потребно е да се направи ПЦР тест.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
Согласно министерската одлука, продолжена е забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а исклучок освен за Северна Македонија има и за Австралија, Босна и Херцеговина, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Израел, Канада, Белорусија, Црна Гора, Бахреин, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд.
Во министерската одлука, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција мора да ги почитуваат мерките и рестрикциите што важат во земјата.
Па така, задолжителната употреба на маска и на отворено и на затворено, забраната за движење по 1.30 часот, поради полицискиот час, задолжително одржување дистанца итн. важат и за странските туристи.
Првата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, беше објавена на 14 мај годинава, кога по пауза од 14 месеци се отвори граничниот премин Евзони (Богородица) и беше дозволен влез во Грција за македонски државјани, а оттогаш се продолжува секоја седмица.