Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предлагаат дополнителни пет години за легализација на неовластените градби

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесоа предлог-закон за измена на Законот за третман на бесправни градби, по скратена постапка, за да не останат граѓаните со нерешен статус за своите домови поради административни пречки или бавни процедури.

Предлогот доаѓа во време кога важноста на тековниот рок истекува следниот месец на 3 март, што, според предлагачите, би значело автоматско прекинување на илјадници процедури што се „заглавени“ во општините, катастрите или судовите.

Според образложението дадено од пратеникот Бојан Стојаноски, целта е да се обезбеди граѓаните кои одамна поднеле документација да не останат со нерешениот правен статус на своите домови поради административни пречки и бавни процедури. Главната порака е дека промените не отвораат нов „повик“ за легализација, туку се однесуваат само на оние случаи кои веќе се во тек и чекаат финализирање, најчесто со потврда за сопственост како последна точка. Истиот наратив го вклучува и аргументот дека барањето дошло од општините преку ЗЕЛС, како притисок „од земја“ за да се спречи создавање правен вакуум.

„Со овој предлог, како што нагласи, рокот се продолжува за дополнителни пет години, имено наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години, до 3 март 2031 година. Ова обезбедува правна сигурност за општините како надлежни органи да можат законски да ги завршат сите постапки што веќе се започнати“, рече Стојаноски.

Пронајдете не на следниве мрежи: