Пратениците на „Европскиот фронт“ ќе гласаат за законот за реорганизација на органите на државната управа

Ова било договорено на средба помеѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Европски фронт“, соопштија доцна вечерва во ВМРО-ДПМНЕ

На средбата било прифатено барањето на „Европскиот фронт“ во Собраниието да се формира ад хок комисија која ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа, а чиј претседател ќе биде предлог на опозицијата

Пратениците на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ќе гласа за Предлог-законот за реорганизација на органите на државната управа чиј предлагач е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски и кој треба да се донесе по скратена постапка. 

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: „360 степени“ (Архива)

Ова било договорено на средба помеѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Европски фронт“, соопштија доцна вечерва во ВМРО-ДПМНЕ.  

На средбата, како што информираат од партијата, ВМРО-ДПМНЕ била претставувана од Александар Николоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски и Стефан Андоновски, додека од коалицијата „Европски фронт“ присутни биле лидерот на ДПА, Мендух Тачи, Блерим Беџети, Фатон Ахмети и Елми Азири.   

„После претходно одржаните консултации и постигнат договор помеѓу пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и пратеничките групи на коалицијата ‘Вреди’ и партијата ЗНАМ во текот на денешниот ден, се одржа средба помеѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и коалицијата Европскиот фронт. На средбата се разговараше за предложените измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа при што од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа образложени измените на законот којшто треба да донесе поголема ефикасност, транспарентност и реформи, како и рационализација“,

се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.  

Законот, како што се додава во него, е работен со поддршка на меѓународните партнери и е дел од ИПА-програмата на Европската Унија. 

„Претставниците на коалицијата ‘Европски фронт’ изразија поддршка за измените на законот и информираа дека ќе гласаат за усвојување на законот“,

се наведува во соопштенито. 

Илустративна фотографија / Фото: Архива

На средбата било прифатено барањето на „Европскиот фронт“ во Собраниието да се формира ад хок комисија која ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа.  

„Во рамки на средбата се разговараше и за меѓусебниот дијалог помеѓу власта и опозицијата при што беше прифатено барањето на коалицијата Европски Фронт во догледно време Собранието да формира ад хок комисија со претседател предлог на опозицијата, којашто ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно ќе го информира Собранието“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Соопштение со идентична содржина е објавено и на официјалната веб-страница на Демократската унија за интеграција.

Претходно денеска со мнозинство од 74 гласа „за“, 24 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на пленарна седница одобрија предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, чиј предлагач е пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, да се носи по скратена постапка.   

Предлог законот вечерва помина пред матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и во Законодавно-правната комисија. 

Собранискиот спикер Африм Гаши за доцна вечерва го закажа продолжението на пленарната седница на која се очекува да се донесе Предлог-законот.  

 За да биде донесен Законот потребно е двотретинско мнозинство, односно за него треба да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во законодавниот дом

Пронајдете не на следниве мрежи: