Продолжува кадровскиот хаос на Владата предводена од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ. Во низата на незаконски поставени директори, покрај осуденици и директори на затвори, незаконски е поставен и директор на ЈЗУ Здравствен дом во Македонски Брод.
Како што дознава Инфомакс, министерот за здравство, Таравари, со назначувањето на Буде Мојсоски за вршител на должност директор на здравствениот дом го прекршил Законот за здравствена заштита, а да објасниме и како, но да почнеме по ред.
Најпрво, условите за назначување на директор во здравствените домови низ Македонија е уреден со Законот за здравствена заштита, каде во членот 104 (Работоводен орган), став 2 (избор на директор) стои дека:
) За директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
1) е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;
3) има завршено високо образование од областа на медицинските или стоматолошките науки, високо образование – дипломиран логопед, високо образование – специјалист по медицинска биохемија, високо образование од областа на економските или правните науки или јавно здравствениот менаџмент или завршени академски студии со најмалку 240 ЕКТС, односно најмалку VI Б ниво согласно со Националната рамка на високообразовните квалификации;
4) има минимум пет години работно искуство и положен испит за директор согласно со овој закон;
5) понуди најквалитетна програма за работа на јавната здравствена установа;
6) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
- ТОЕФЛ ИБТ најмалку 74 бода,
- ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
- ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
- БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
- АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2) и
- (7) има положено психолошки тест и тест за интегритет.
Биографијата на в.д директорот кој го назначил Таравари не е достапна на веб-страницата на здравствениот дом, но е достапна на неговиот Фејсбук профил, е дека во животот немал никава врска со медицината и раководење на здравствена институција, освен што неговата сопруга е медицинска сестра и што е во роднински врски со пратеничката Бисера Златеска (што секако не го прави компетентен за директор на здравствен дом).
Мојсоски завршил правен факултет во Кичево, а на позицијата директор во здравствениот дом во Македонски Брод доаѓа од комуналното претпријатие во општината, каде бил вработен пред да стане в.д директор, за што и самиот се пофалил на нефовиот Фејсбук профил.
Квантен скок, нема што. Правник од комунално се назначува за директор во здравствен дом спротивно на Законот за здравствена заштита и повторно, Законот за висока раководна служба кој го прекршија десетици пати откако е составена „новава“ Влада.
Ајде да повториме, за да нема забуни. Најпрво, за вршител на должност директор може да се назначи САМО и ИСКЛУЧИВО лице кое е вработено во конкретната институција, во никој случај не може да се донесе надворешно лице на позиција вршител на должност. Тоа важи за најголемиот број на в.д директори кои ги назначи новата Влада и министрите кои имаат надлежност да назначат в.д директори како во случајов, бидејќи голем дел од нив не се вработени во институциите во кои се назначени за в.д директори. Епа не е ни господинот Мојсоски, кој меѓу другото не смеел да биде назначен за в.д директор на здравствена институција бидејќи ниту има завршено медицински факултет или факултет поврзан со здравство, ниту има искуство од пет години во оваа област.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, неколку денови не одговара на прашањето на Инфомакс во врска со назначувањето на Буде Мојсов за директор на здравствениот дом во Македонски Брод. Треба да се напомене дека во здравствениот дом има соодветни и компетентни кадри од кои Таравари можел да бира кого ќе го назначи за в.д директор, лица кои со години работат во институцијата и знаат како функционира, но коалициски договор очигледно е повисок правен акт од Устав и Закон во нашава северна државичка.
Но, тоа секако не е се.
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Македонски Брод, Бисера Златеска, си ја вработила речиси цела поширока фамилија. Жителите на Македонски Брод коментираат дека не останал невработен член на семејството на Златеска откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт на локално и централно ниво и тоа не обично вработување, ами директорски места. Па да почнеме со ред.
За секретар на општината е поставен прв братучед на сопругот на Златеска, господинот Зоран Новески. Иако на веб-страницата на општината нема податоци за тоа кој е секретар, сепак постои документација која Новески ја потпишал како секретар на општината и тоа неодамна, на пример одлука за вработување на административен службеник по јавен оглас.
За раководител на Фондот за здравствено осигурување на подрачната единица во Македонски Брод, пак, е назначена прва братучетка на сопругот на пратеничката Златеска, Весна Стојкоска.
Шура на сопругот на Златеска е вработен во АВРМ, додека, според неофицијални информации на Инфомакс, неколкумина роднини чекаат (веројатно гласање на општински комитет во партија – детали на линкот под текстот) назначување на раководни позиции во МВР и Центарот за социјална работа во Македонски Брод.
Што ти значи фамилијарна жена… Цела фамилија вработена и на директорски и раководни позиции, дали е законски или незаконски, тоа е помалку важно. Важно е дека семејната династија е обезбедена…
И по којзнае кој пат да повториме, ДКСК би требало да реагира на ваквите семејни династии, бидејќи Законот за спречување на судир на интереси користи термин „блиски лица“ и овозможува ДКСК да реагира на ваквите ситуации. Дополнително, во случајот со директорот на здравствениот дом, според нашите информации ДКСК е веќе информирана, но до овој момент нема никаква реакција.
Претходно Инфомакс откри екеклузивни информации за незаконско назначување на директори на затвори, на Управата за извршување на санкции, осудени лица и поранешни затвореници кои станаа директори и заменици во неколку затвори во Македонија, лица против кои се води активна постапка за земање на мито и слично. Владата, по реакциите во јавноста подоцна разреши дел од овие лица, но како што гледаме на промашените кадри им нема крај.
Вчера објавивме каква е методологијата за вработување во администрација. Револтиран граѓанин од Неготино сподели разговори во кои градоначалникот му нагласува дека и министерката да се јави, никој не може да се вработи без да „помине“ на општински на партијата…
Некој ќе директорува, некој ќе плаче по иселени деца и внуци. Епа народе, рмбај си ти и скенирај фискални за некој денар плус во месецот, или што би рекол Рацин „за туѓи бели дворови, копај си црни гробови“, а функционерите на власт нека уживаат во раскошот и нека си градат династии. Уживајте додека трае и така нема кој да реагира…