Претепан млад актер затоа што укажал дека треба да се носат заштитни маски во маркет

Михајло Миленкоски, млад актер во Прилепскиот театар Војдан Чернодрински деновиве бил претепан од негов сограѓанин само поради тоа што забележал дека во маркетот каде што пазарел, потрошувачите треба да носат заштитни маски.
Миленкоски, како што раскажува, влегол како и обично да ги купи потребните намирници
„Се случи дење на пладне. Влегов да пазарам во маркет во центарот на Прилеп, му се обратив на вработениот, изреагирав, велејќи дека не е добро да оставаат луѓето што пазарат да не носат заштитна маска, со оглед на целата ситуација во која се наоѓаме со пандемијата. Момчето коешто не носеше маска, слушна дека реагирам и ми рече, „ќе видиш надвор кога ќе излезеш, ќе се разбереме“. Можеби 20 минути останав во маркетот и целосно го заборавив овој момент“, истакна Миленкоски.
Пред маркетот почнало трауматичното искуство на Миленкоски кој набрзо завршил онесвестен, а се разбудил на хируршкото одделение во прилепската болница, каде се констатирани скршеници и потрес на мозокот поради што десет дена лежел дома.


„Ме чекаше пред маркетот и ми рече дека тоа не е моја работа, луѓе умираат секојдневно, а што можел тој да направи. Се извинив ако се почувствувал навреден. Само што тргнав да заминам, ме фати за рамото, почувствував силна болка и на ништо друго потоа не се сеќавам. Се разбудив на хируршкото одделение во прилепската болница. Таму ми направија компјутерска томографија на главата. Имав скршен лев синус, правоаголно со вилицата, потрес на мозокот. Таму бев на опсервација 8 часа. Лекарот рече да си заминам дома зашто е опасно поради коронавирусот долго да лежам на болница. Дома бев затворорен речиси 10 дена за да мирувам во темница и во тишина. Сега сум подобро, но со одредени болки“, вели Миленкоски, кој дополнил дека го пријавил случајот во полиција.
„Ми побараа податоци, а го препознав и момчето на фотографија на Фејсбук. Сè уште не сум добил информации од полиција до каде е расчистувањето на случајот. Но, фрапиран сум од ова што се случува. Во ова време да не си свесен – кој е проблемот на општеството, колку животи млади пандемијата почна да носи, и да се однесуваш како Господ, тоа е страшно“, заклучил Миленкоски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.