Претседателот Пендаровски на прес-конференција со претседателката Зурабишвили: Да создадеме стабилна основа за развој на билатералните односи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во претседателскиот кабинет на церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили се одржа пленарен состанок на официјалните делегации, беа потпишани Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грузија за укинување на визи и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија, по што се одржа  заедничка прес-конференција на претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили.

Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски, а од линкот во продолжение можете да преземете видео-материјал: https://youtu.be/SEp49lKY-cg

Почитувана претседателке на Грузија, г-ѓа Зурабишвили,

Почитувани претставници на медиумите, Дами и господа,

Денеска имаме големо задоволство, во името на македонските граѓани, да и посакаме топло добредојде на претседателката на Грузија, Нејзината екселенција г-ѓа Саломе Зурабишвили.

Оваа прва, и со тоа, би рекол историска посета на највисоко ниво се случува многу кратко по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две држави на 16 февруари 2019 година.

Симболично, нас не поврзува еден многу значаен јубилеј. Оваа година и Северна Македонија и Грузија прославуваат 30 години независност. Ние од стекнувањето, а Грузија од обновувањето на нејзината независност.

Иако изминативе децении повремено соработувавме во рамките на меѓународните организации, дојде време нашите односи од маргините на меѓународните форуми да ги издигнеме на највисоко ниво.

Пандемијата ја забави планираната динамика на средбите, но, оваа прва официјална посета е можност да надоместиме за изгубеното време.

Затоа, денес со претседателката Зурабишвили разговаравме за унапредување на нашите билатерални односи во претстојниот период. Повеќето од чекорите ќе ги правиме за прв пат. Затоа, треба да го искористиме овој момент и да создадеме стабилна основа за развој на билатералните односи. А првиот чекор во таа насока е секако уредување на правната рамка.

Северна Македонија и Грузија имаат исклучително богато природно и културно-историско наследство. Затоа, пред малку беа  потпишани два важни документи. Првиот е Спогодба меѓу двете држави за укинување на визите, со што се олеснува патувањето на македонските и грузиските граѓани. Вториот документ е Меморандум за соработка во областа на културата меѓу нашето министерство за култура и грузиското министерство за култура, спорт и млади. Заедно, овие два документи треба да бидат правна основа за развој на туризмот, и на севкупната економска и културна соработка меѓу двете земји.

Во процедура се и други договори, меѓу кои и оние за економска и техничка соработка. Непишано правило е дека оние кои први ќе се пробијат на новиот пазар најчесто постигнуваат најголеми успеси. Затоа, во оваа прилика сакам да ги охрабрам стопанствениците од Северна Македонија и Грузија да ја искористат оваа можност, да воспостават контакти и да работат на деловни  партнерства од взаемна полза.

Почитувани,

Денес,со претседателката Зурабишвили разменивме мислења и за теми поврзани со нашите надворешно-политички приоритети, а во контекст на стабилноста и безбедноста на европскиот континент.

Заклучивме дека иако сме територијално мали држави лоцирани во различни региони, споделуваме слични стратешки надворешно-политички приоритети.

Како земја-членка на НАТО, ние го поддржуваме правото на Грузија да гради најблиски можни односи со Алијансата. Тоа е суверен избор на грузискиот народ и во тој поглед, подготвени сме да ја продлабочиме соработката преку партнерските механизми.

Истовремено, како и Европската Унија така и ние како земја-кандидат за членство даваме цврста поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија во рамките на меѓународно признатите граници. Во исто време, ги поддржуваме Женевските меѓународни дискусии, кои остануваат единствен механизам со кој се ангажираат сите засегнати страни во решавањето на предизвиците што произлегуваат од нерешениот внатрешен конфликт во Грузија.

На крајот, би сакал уште еднаш да нагласам дека верувам дека со оваа прва посета на грузиски државник од највисок ранг, испишуваме историја во односите меѓу нашите две пријателски држави и народи.

Оттука, ваша екселенцијо, уште еднаш, во името на македонските граѓани ви посакувам топло добредојде во Северна Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.