Припадниците на Армијата на Северна Македонија заминаа на помош во Туркије

Припадниците од Баталјонот за специјални сили на Армија на Северна Македонија заминаа на помош во пријателска Туркије, по разорниот земјотрес кој ја погоди земјата, пренесува „Анадолу“.

Информацијата преку објава на социјалните мрежи ја потврди министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.

„Им посакуваме среќа во потрагата и спасувањето човечки животи“, напиша таа.

„Се солидаризираме со турскиот народ и за помош на настраданите ќе испратиме и хуманитарна помош од Министерството за одбрана и Армијата“, додаде Петровска.

Таа во понеделникот најави дека Министерството за одбрана и Армијата испраќаат итна помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес во Туркије.

„На предлог на Министерството за одбрана, Владата на вонредната седница донесе одлука да бидат испратени тим за заштита и спасување од Армијата, кучиња трагачи и хуманитарна помош во пријателска Туркије“, нагласи таа.

Петровска истакна дека во тимот се вклучени 22 лица од Баталјонот за специјални сили; две лица водачи и кучиња обучени за трагање заминуваат во сојузничка Туркије за да помогнат да се спасат човечки животи од под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес.

„Застануваме солидарно да им помогнеме на преживеаните да ги пребродат овие тешки времиња. На пријател во неволја, секогаш ќе му помогнеме“, додаде министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.

Пронајдете не на следниве мрежи: