Приштина не му дозволи на патријархот Порфириј да влезе во Косово, го вратиле назад на граница


Косово го врати српскиот патријарх Порфириј од административниот премин Мердаре.

По рутинска контрола на српската страна на административниот пункт, на косовска страна, автомобилот на патријархот Порфириј и неговите соработници бил одвоен од колоната, а на патниците им било кажано „да чекаат“, јави дописникот на МИА од Белград.

Претходно министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека на патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј не му е забрането да го посети Косово.

Од Косово беше побарано да ги осуди или да се огради од „дејствата на членовите на Црквата кои даваат поддршка на криминалните групи на северот на Косово, кои се сметаат за одговорни за барикадите“, се наведува во соопштението на ова министерство.

Попладнево по четириесет минутното задржување на патријархот Порфириј не му беше дозволен влез на Косово, по што со своите соработници тој се врати во централна Србија, пренесува РТС.

Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, потврди дека на српскиот патријарх Порфириј од страна на Приштина му е забранет влез на Косово.

„Неговата Светост беше физички вратен од преминот Мердаре. Со ова, насилството на Курти врз српскиот народ достигна невидени размери“, напиша Петковиќ на Твитер.

„Ускратување на правото на поглаварот на Српската православна црква, човекот кој проповеда љубов и мир, да престојува во својот дом во Пеќката патријаршија, каде што се наоѓа вековното седиште на српските патријарси, е злосторство на кое современата цивилизација не била сведок. Албанските зулумќари денеска влегоа во аналите на историјата“, нагласи Петковиќ.

Претходно, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ ја оцени како „срамен чин“ одлуката на косовските власти да му забранат на патријархот на СПЦ Порфириј за Божиќ да оди во Пеќската патријаршија.

Дачиќ за ТВ „Хепи“ ја осуди меѓународната заедница што не реагирала во врска со ова и изјави дека ваквата забрана за кој било верски лидер во Европа би предизвикала најостри можни реакции.

Тој оцени и дека суштината на излезот од актуелната ситуација на Косово е меѓународната заедница да изврши притисок врз косовскиот премиер Албин Курти.

Српскиот шеф на дипломатијата рече и дека државниот врв на Србија ќе продолжи да се залага за мир и решавање на сите проблеми преку дијалог и повтори дека нема да се дозволи било каков прогон на Србите.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: