До 31 мај, младите музичари имаат прилика да учествуваат на конкурсот за доделување на наградата „Милан Младеновиќ“ кој во чест на фронтментот на легендарната рок група Екатерина Велика (ЕКВ) го организира неговата задужбина под слоганот „Пријави ја твојата песна“.
Право да се пријават за наградата имаат автори и изведувачи од сите земји на поранешна Југославија, со песна со текст на било кој од јазиците што се зборуваат на територијата на поранешните југословенски републики.
Целта на конкурсот е да се поддржат млади музичари, па затоа право на пријавување имаат автор или група автори кои под името под кое се пријавуваат на конкурсот ја објавиле својата прва песна по 01.01.2017 година. При тоа, песните кои конкурираат за Наградата треба да бидат објавени во периодот од 01.06.2023 година и 31.05.2024 година.
Наградата ќе биде доделена на 21 септември, роденденот на Милан Младеновиќ.
Жирито прво ќе избере 12 финалисти кои ќе бидат објавени на промотивна компилација, а добитниците на наградата ќе бидат наградени и со парична награда од 3.000 евра и покана да настапат на фестивалот Егзит во Нови Сад наредната година.
Во текот на април Задужбината објави дека овогодинешното жири ќе го сочинуваат реномирани јавни личности од регионот. Меѓу нив е словенечката музичарка и новинарка Ања Рупел, некогашна пејачка на групата Видеосекс кои често настапуваа заедно со ЕКВ. Жирито има и два члена од Хрватска – музичкиот критичар Дубравко Јагатиќ и музичарот Макс Јуричиќ, некогашен член на Азра и Филм. Членови од Србија се музичарот Никола Врањковиќ, некогашен лидер на алтернативниот бенд Блок Аут и музичката уредничка Светлана Ѓоловиќ.
Наградата се доделува еднаш годишно. Во 2023 година на прославата во Макарска беше доделена на српската група Љубичице со песната „Док чекамо пад“, додека во 2022 година лауреат беше македонската пејачка Дина Јашари со песната „Дома“.
Извор: https://meta.mk/prijavi-ja-tvojata-pesna-konkursot-za-nagradata-milan-mladenovikj-otvoren-do-31-maj/