Новиот роман на писателката Оливера Ќорвезироска, насловен „Три Марии“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Промоцијата на романот е закажана за 2 април (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на почетокот на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е организиран од „Литература.мк“. Промоторка на книгата ќе биде Илина Јакимовска, а извадоци ќе читаат актерките Катерина Коцевска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Симона Димковска. „Три Марии“ е трет роман за возрасни на Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Романот е вешто конструиран омаж на Славко Јаневски, кој не е обична посвета, ниту пак римејк на одредено дело. Авторката со својот стил поетично се поврзува со претходниците, при што вклучува интересна варијација на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, како и именувањето на еден од машките ликови само како Славко. Дизајнот на корицата, дело на Марко Трпески, содржи детаљ од сликата „Бош“ на Славко Јаневски, што претставува дополнителна врска и посвета кон него.
Во „Три Марии“ се изнесуваат три независни приказни за жени со исто име – Марија, кои се обидуваат да избегаат од својата сегашна ситуација поради љубовни промашувања. Нив ги обединува место за изнајмување, стан, во кој сите три бараат спас. Поднасловот роман-басма делумно ги оправдува многубројните фолклорни обележја, верувања и суеверија, како и темни судбини кои се појавуваат во романот. Иако се работи за современо дело од нашево време и простор (Скопје), во романот се сретнуваат етнографски обичаи од североисточна Македонија како што се китење младоженци со пари, погребување мртовец со кукла и традиционалното „мавиле“ од велешкиот крај. Ја уживав литературата без напор, водена од некој вид магија, со стабилна, но лесна рака. Некои од деловите ме одушевија со деликатниот опис на душевните состојби, запиша Оливера Николова за романот „Три Марии“.
Оливера Ќорвезироска е родена 1965 година во Куманово. Основно и средно училиште ја завршила во родниот град, а Филолошкиот факултет во Скопје, каде што и живее и работи како уредник. Авторка е на повеќе книги вклучувајќи поезија, романи за деца, сликовници, критички и есејски дела, како и романи и раскази за возрасни. Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, а Ќорвезироска е носителка на значајни награди за раскази во Македонија, вклучувајќи ја и престижната награда за најдобра проза „Стале Попов“ во 2003 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар.
The post Промоција на новиот роман на Оливера Ќорвезироска „Три Марии“ на 2 април appeared first on 365.mk.