Протеkoa тајни информации: За време на неговиот мандат, Бајден суспендирал дел од воената соработка со Израел поради Газа

Соединетите Американски Држави привремено ја суспендираа размената на некои клучни разузнавачки информации со Израел за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден поради загриженост за водењето на војната во Појасот Газа, открија шест извори запознаени со ова прашање.

Според извори кои разговарале со Ројтерс , во втората половина на 2024 година, САД го исклучиле неколку дена преносот во живо на видео од американски дрон што летал над Газа, кој израелската влада го користела за потрага по заложници и членови на Хамас. Во исто време, Вашингтон го ограничил начинот на кој Израел може да користи одредени разузнавачки податоци за време на целни операции против високи воени цели во Газа.

Сите извори зборуваа под услов на анонимност, наведувајќи дека одлуките се донесени во рамките на американската разузнавачка заедница поради растечката загриженост за бројот на цивилни жртви во израелските воени операции, но и поради сомневања за третманот на палестинските затвореници од страна на израелската безбедносна агенција Шин Бет.

Според изворите, американските претставници верувале дека Израел не дал доволни гаранции дека ќе ги користи американските разузнавачки податоци во согласност со правилата на военото право. Според американскиот закон, ваквите заштитни мерки се потребни пред споделувањето чувствителни информации со која било странска земја.

Иако администрацијата на Бајден јавно одржуваше политика на континуирана поддршка за Израел, вклучително и воена и разузнавачка соработка, одлуката за привремено задржување на некои информации беше ограничена и тактичка по природа. Целта беше да се обезбеди дека американските разузнавачки информации се користат во согласност со меѓународното право, велат изворите.

Еден извор рече дека разузнавачките агенции имаат одреден степен на автономија да донесуваат одлуки во реално време за споделување информации, без директни наредби од Белата куќа. Ројтерс не можеше да утврди дали Бајден бил свесен за конкретните одлуки во времето кога биле донесени, а неговиот портпарол не одговори на барањата за коментар.

Размената на разузнавачки информации продолжи откако Израел даде дополнителни гаранции дека ќе ги почитува американските правила. Израелската војска соопшти дека безбедносната соработка со САД продолжила во текот на целата војна, наведувајќи дека „стратешката разузнавачка соработка продолжила“, но не коментираше директно за случаите на привремено прекинување.

Експертите истакнуваат дека одбивањето на разузнавачките информации на сојузник за време на активен конфликт е невообичаено и укажува на сериозни тензии. „Споделувањето разузнавачки информации е речиси свето, особено со близок сојузник во нестабилен регион“, рече Даниел Хофман, поранешен висок оперативец на ЦИА за Блискиот Исток.

По нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, Бајден потпиша меморандум со кој се наредува проширување на разузнавачката соработка со Израел. Во овој период, САД формираа тим аналитичари кои, користејќи беспилотни летала MQ-9 Reaper, му обезбедуваа на Израел преноси во живо за да помогнат во лоцирањето на борците на Хамас и пронаоѓањето заложници.

Сепак, кон крајот на 2024 година, американските разузнавачки служби добија информации што покренаа сериозни прашања за третманот на палестинските затвореници. Според изворите, Шин Бет не дал задоволителни гаранции дека не се случуваат злоупотреби, што доведе до привремено затворање на пристапот до снимките од беспилотните летала.

Војната во Газа, според здравствените власти во таа енклава, одзела повеќе од 70.000 палестински животи, повеќето од нив цивили. За време на конфликтот, американските разузнавачки аналитичари континуирано проценувале дали дејствијата на Израел и Хамас ја исполнуваат американската дефиниција за воени злосторства. Иако тие проценки покренаа сериозни прашања за можни прекршувања на законите за војување, правните тимови на администрацијата заклучија дека Израел формално не го прекршил меѓународното право.

Во последните недели од мандатот на Бајден, високи претставници за национална безбедност ја разгледаа можноста за поформално ограничување на разузнавачката соработка со Израел. Сепак, Бајден одлучи да не го стори тоа, проценувајќи дека евентуалната нова администрација ќе ја обнови таа соработка и дека нема законски основи за целосно суспендирање.
The post Протеkoa тајни информации: За време на неговиот мандат, Бајден суспендирал дел од воената соработка со Израел поради Газа appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: