Проширување на ЕУ ќе има, Северна Македонија не смее да ја испушти шансата

На средбата, како што соопштуваат од Кабинетот на Грковска, било потенцирано дека „нема промена на преговарачката рамка и во таа насока клучни се уставните измени, со кои ќе се надминат пречките за нашата земја во пристапниот процес“ 

Сајмон Мордју, советникот за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел со вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска / ФОТО: Фејсбук-профил на Славица Грковска

Проширување на Европската Унија ќе има и Северна Македонија не смее да ја испушти оваа шанса за членство, рекол советникот за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Сајмон Мордју на денешната средба во Брисел со вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска. 

На средбата, како што соопштуваат од Кабинетот на Грковска, било потенцирано дека „нема промена на преговарачката рамка и во таа насока клучни се уставните измени, со кои ќе се надминат пречките за нашата земја во пристапниот процес“. 

Грковска и Мордју разговарале и за Планот на Европската комисија за раст за Западниот Балкан, кој има за цел забрзување на реформските процеси во земјите од регионот и нивно приближување до ЕУ.  

Грковска при тоа ги истакнала активностите преку кои политиките на добро владеење се вградуваат во институциите, вклучувајќи ја и дигиталната трансформација на општеството, која овозможува воведување ефикасни алатки за борба со корупцијата и организираниот криминал. 

Вицепремиерката денеска имала средба и со извршна директорка за Европа и Централна Азија во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Ангелина Ајхорст, која истакнала дека како никогаш порано Северна Македонија има бројни пријатели во Брисел и дека тие силно се залагаат за успех во нашиот евроинтеграциски процес.  

Во таа насока, Грковска и Ајхорст се согласиле дека при тоа е клучен напредокот во владеењето на правото, како и во разрешувањето на предмети поврзани со висока корупција.  

Во однос на претстојните избори, Грковска истакнала дека Владата е посветена на организирање фер и правичен изборен процес, како показател за демократскиот напредок на земјата. 

На средбата, Грковска и Ајхорст се осврнале и на ефектите од геополитичките случувања, вклучително и од руската агресија на Украина, врз земјите од регионот. При тоа, Грковска ја истакнала безрезервната поддршка на Северна Македонија за Украина и изразила уверување дека таа ќе продолжи и покрај бројните предизвици произлезени од глобалните кризи. 

Со овие средби Грковска ја заокружи дводневната работна посета на Брисел во чии рамки вчера се сретна со директорот на Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман и беше една од главните говорнички на форумот на високо ниво насловен „Жените во јавниот живот“, во организација на потпретседателката на ЕК за вредности и транспарентност, Вера Јоурова.

Пронајдете не на следниве мрежи: