Путин за прв пат призна: Ситуацијата е исклучително тешка

Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат ја нарече „исклучително тешка“ ситуацијата во окупираните територии на Украина, кои Русија ги прогласи за свои региони.

Путин изјави дека „ситуацијата во регионите на ДНР, ЛНР, Херсон и Запорожје е исклучително тешка“ и им порача на безбедносните сили во четирите окупирани региони дека мора да направат сè за да ја обезбедат безбедноста на граѓаните во нив.
„Посебно би сакал да ги истакнам единиците на безбедносните агенции кои почнаа да работат во новите региони на Русија. Да, тешко ви е сега, ситуацијата во ДНР, ЛНР, Херсон и Запорожје е исклучително тешка. Но луѓето кои живеат таму се надеваат на вас, на вашата заштита“, изјави Путин, пренесува руската државна новинска агенција РИА Новости.

Претседателот на Русија рече дека должност на тајните служби е да направат сè за да обезбедат максимална безбедност на граѓаните и да ги заштитат нивните права и слободи. Тој вети и дека ќе обезбеди нови единици со современа опрема и оружје, како и искусен персонал.
Путин повика и на зајакнување на работата на безбедносните агенции во клучните области поради појавата на нови закани и им нареди на специјалните служби да ги држат под постојана контрола местата на масовно собирање на граѓаните и стратешките објекти на транспортната и енергетската инфраструктура.

„Од контраразузнавачките агенции, вклучително и армијата, сега се бара да покажат максимална присебност, концентрација на силите. Неопходно е строго да се потиснат дејствијата на странските специјални служби, брзо да се идентификуваат предавниците, шпиони и саботери“, рече Путин.
Тој, исто така, побара да се зајакне работата на граничната служба на ФСБ, нарекувајќи ја границата „најважната, клучна граница за обезбедување на безбедноста на земјата“, која мора да биде сигурно покриена.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.