Сојузот на синдикати денеска продолжува со најавените блокади поради игнорирањето на нивните барања за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра. По понеделничката блокада на Собранието, денеска во 12 часот ќе биде блокирана Стопанската комора, а следниот вторник Владата.
Од ССМ велат дека нема да се откажат од барањата за зголемување на платите бидејќи животот на работникот секој ден станува се поскап и народот е се посиромашен.
Синдикалните претставници упатија порака до власта дека нема да се откажат од барањата и покрај притисокот што се врши врз нив со објавување на видеото од претседателот на ССМ со неговите малолетни деца.
Објавата на видеото од страна на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска на Фејсбук предизвика низа негативни коментари и реакции не само од поединци туку и од политички партии.
Од Левица, случајот го оквалификуваа како злоупотреба на безбедносните механизми и демонстрација на режимска сила против синдикалното движење во земјава.
Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење!, оценија од оваа партија.
А, матичната партија на Стојаноска, застана во нејзина одбрана со образложение дека снимката веќе била објавена на социјалните мрежи и со обвинувања дека синдикалниот лидер е политички мотивиран.
По денешната блокада на Стопанската комора, следниот вторник ќе биде блокирана и Владата која засега не размислува за исполнување на синдикалните барања оставајќи за тоа да се договорат синдикатите и работодавачите, иако експертите нагласуваат дека социјалниот дијалог е трипартитен.
Освен блокадите, најавени се уште еден голем протест и организирање на генерален штрајк.


