Вчера, на денот кога во Обединетите нации беше усвоена резолуцијата за Сребреница, Владата на Република Српска најави дека во следните 30 дена ќе состави и ќе поднесе предлог за договор за „мирно разидување“ од Босна и Херцеговина
Европската Унија (ЕУ), Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија денеска остро реагираа на најавата на властите на ентитетот Република Српска дека ќе достават предлог за „мирно разидување“ од вториот ентитет во Босна и Херцеговина, Федерацијата Босна и Херцеговина, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Од претставништвото на Европската Унија во БиХ преку соопштение посочија дека повиците за „мирно разединување“ немаат никаква правна, фактичка или рационална основа, оценувајќи дека тоа не води никаде и создава неприфатливи стравови кај граѓаните.
„Европската Унија, меѓу другото, и преку ЕУФОР, е недвосмислено посветена на суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок и меѓународниот субјективитет на Босна и Херцеговина, како и на сигурно и безбедно опкружување“,
се вели во соопштението на ЕУ во БиХ.
Од американската амбасада во Сараево, пак, соопштија дека „разидувањето“ на Република Српска не значи нејзина независност или крај на Босна и Херцеговина, туку крај на Република Српска.
„Како што е изрично наведено во Дејтонскиот мировен договор и Уставот на Босна и Херцеговина, Босна и Херцеговина е држава наследник на Република Босна и Херцеговина. Уставот на Босна и Херцеговина не дава право на отцепување или „разидување“ на ентитетите или на која било пониска административна единица. РС може да постои само во рамките на Босна и Херцеговина“,
се наведува во соопштението на амбасадата на САД во Сараево.
Идентична е и реакцијата на британскиот амбасадор во БиХ, Џулијан Рајли, кој преку објава на социјалната платформа „Икс“, наведе дека не е точно дека Република Српска може да се отцепи од БиХ, ниту дека може да постои надвор од државата“, туку дека постои само како ентитет во рамките на БиХ.
Izjava o skorim prijetnjama Vlade Republike Srpske da provede „mirno razdruživanje“ od Bosne i Hercegovine ⬇️⬇️⬇️ pic.twitter.com/yPujMnLBbt
— Julian Reilly (@JulianReillyUK) May 24, 2024
Вчера, на денот кога во Обединетите нации беше усвоена резолуцијата за Сребреница, Владата на Република Српска најави дека во следните 30 дена ќе состави и ќе поднесе предлог за договор за „мирно разидување“ од Босна и Херцеговина. На седницата на Владата на Република Српска беше присутен и претседателот на ентитетот, Милорад Додик, кој веќе претходно, кога беше поднесена резолуцијата во ОН, побара согласност од претседателот на Србија, Александар Вучиќ да поддржи ваков чекор.
Европската Унија ги повика лидерите во Босна и Херцеговина целосно да ги фокусираат своите напори на создавање средина погодна за помирување, како и на спроведување на неопходните реформи за напредок на европскиот пат.
„Граѓаните ширум Босна и Херцеговина сакаат посветла иднина и се заинтересирани нивните лидери да најдат конструктивни начини за справување со наследството од минатото. Од најголема важност е локалните лидери да го следат единствениот реален пат: да работат на понатамошни реформи и напредок на европскиот пат, како најбезбедна гаранција за идната стабилност и просперитет на Босна и Херцеговина“,
се заклучува во соопштението.
Генералното собрание на Обединетите нации вчера со мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата за Сребреница.
Документот го поддржаа 84 земји, „против“ беа 19, а „воздржани“ 68 држави. Резолуцијата беше предложена од Германија и Руанда, а потоа спонзорирана од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики меѓу кои и Северна Македонија, освен Србија и Црна Гора.