Расте бројот на активни случаи, најмногу во Скопје и Тетово

Во текот на последните неколку денови се регистрираат поголем број случаи на заразени со Ковид-19, за разлика од дневниот број на новозаразени во текот на јули. Во моментов активни се 627 случаи на заболени со Ковид-19. Сепак, надлежните смируваат дека вакцинацијата, која според експертите е главниот спас од пандемијата, се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Со една доза на вакцина против Ковид-19 се вакцинирани 31 отсто од населението над 18-годишна возраст.
Според последните податоци, од почетокот на епидемијата досега во земјава со Ковид-19 се заразиле 156.543, оздравени се 150.422, а починати се 5.494 лица.
Најмногу активни случаи има во Скопје 195, потоа во Тетово 175, а во Куманово се активни 68 случаи.
Од Минстерството за здравство постојано апелираат граѓаните да се вакцинираат. Вакцинацијата, како што се посочуваат, е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот.


– Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 31 отсто од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6 отсто, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 отсто, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто, соопшти Министерството за здравство.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во Скопје – 159.514, во Битола – 35.067 и во Тетово – 31.007 граѓани.
Куманово, Прилеп и Охрид имаат меѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а меѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крица Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, М.Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.
Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат, информираат од Министерството и апелираат на што поголема заинтересираност и во периодот што следува.


Во исто време, Шведска соопшти дека размислува во 2022 година да понуди бустер вакцина против коронавирусот за „поголем дел од населението“.
Шведските здравствени власти соопштија дека есенва, дополнителна доза од вакцината може да почне да и се дава на најзагрозената популација.
– Конечната одлука, меѓутоа, се уште не е донесена, соопшти шведската Агенција за јавно здравје.
Неколку земји размислуваат да предложат воведување бустер вакцина против коронавирусот во време кога се евидентираат се поголем број случаи на делта варијантата на вирусот.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на коронавирус во европскиот регион надмина 60 милиони од почетокот на пандемијата. Воедно, СЗО потсети дека „патувањата во странство не се без ризик“.
– Крајот на пандемијата е далеку и за жал, има повеќе од 1,2 милиони смртни случаи во европскиот регион досега како резултат на Ковид-19, изјави Дорит Ницан, директорка за итни случаи на СЗО за европскиот регион.
Таа ја истакна важноста земјите да продолжат со заедничките напори за заштита на најранливите граѓани и ризични категории.
СЗО соопшти дека повеќе од 198,02 милиони случаи на Ковид-19 се регистрирани во светот, вклучувајќи околу 4,22 милиони смртни случаи, додека се администрирани речиси 3,84 милијарди дози вакцини.
– За да се запре пандемијата, треба да ги изедначиме можностите за вакцинација во сите земји, вклучително и поддршка за производство на вакцини и споделување дози по потреба, за да ја заштитиме ранливата популација во секоја земја, рече Ницан.
Процентот на вакцинирани е многу различен во 53 земји во европскиот регион на СЗО, кој вклучува земји од Гренланд на северозапад до крајниот исток на Русија.
– Бидејќи се покажа дека вакцините се ефикасни во спречување на сериозни болести и смрт, повеќе случаи на коронавирус во приоритетните групи ќе значат повеќе хоспитализации и смртни случаи. Затоа мора итно да ги вакцинираме приоритетните групи, истакна таа.
Бриселскиот портал „Политико“, според податоци од интерен документ на Советот на Европа, објави дека Европската Унија значително заостанува зад Кина и САД во однос на донациите на вакцини против коронавирус.
ЕУ донирала само 7,9 милиони дози вакцини против Ковид-19, што е само четири проценти од вкупно 200 милиони дози, ветени од земјите на ЕУ, наведува порталот. Ова е значително пониско во споредба со 59,8 милиони дози веќе донирани од САД и 24,2 милиони дози донирани од Кина.
Податоците се од работен документ на Советот на Европа од 2 август.
Според „Политико“, овој документ се појавил по коментарите на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, кој минатиот петок рече дека Европа, поради „недоволната“ испорака на вакцини во Африка и Латинска Америка, ризикува да го загуби влијанието во тие области и да ги препушти на Кина.
– Експанзијата на Кина во Африка и Латинска Америка треба да нè загрижи и треба да нè окупира, рече Борел.
Во Документот се прикажани договорите за продажба и донации и ги наведува регионите што се стратешки најважни за ЕУ, со многу детални слајдови за вакцините доставени до Северна Африка, Турција, Балканот и земјите од источното партнерство.
Овие слајдови содржат информации за тоа од каде доаѓа испораката, за кој производител на вакцини станува збор и колкав процент од населението во овие земји е вакцинирано.
Во областа на меѓународната дистрибуција на вакцини, сепак, ЕУ е поактивна во однос на извозот, бидејќи доставила повеќе од 503 милиони вакцини во 51 земја.
ЕУ, исто така, го наведе фактот дека вети 3,4 милијарди евра за Ковакс механизмот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.