Расте бројот на хоспитализирани од активните случаи од Ковид-19 – Инфективна и болниците во Тетово и Гостивар полни

Околу 10 проценти од активните случаи со Ковид се хоспитализирани. Според податоците од министерството за здравство во моментот на болничко лекување во целата држава има 540 пациенти. Речиси половината се во тетовската и гостиварската болница. Полна е и Инфективната клиника, а во одделението во ГОБ 8 септември кое вчера беше отворено веднаш биле примени 20-тина болни повеќето од Западна Македонија. На располагање е и модуларната болница до Инфективна и еден спрат во Институтот за ТБЦ.
-Обезбеден е кадар од лекари, медицински сестри, техничари, хигиеничарки чии што имиња беа дадени од директорите на клиниките и тие се подготвени да почнат со работа по системот на ротации во модуларната болница до Инфективна и во Институтот за ТБЦ, изјави проф. д-р Дејан Докиќ, координатор на Ковид Центрите во Клиничкиот Центар.
Професорот Докиќ потенцира дека клиничката слика на сега хоспитализираните е слична како и на заразените пролетта со бристанската мутација. Поразлични симптоми со гребење во грлото и течење на носот имале полените случаи кои се лекувале во домашни услови.
-Досега немаме пациент кој е хоспитализиран, а комплетно вакциниран да почине, изјави професорот Докиќ.

Според податоците од министерството за здравство само во текот на вчерашниот ден биле вакцинирани близу 19.000 граѓани од кои 12.000 само вчера примиле прва доза.
Кардиологот Владимир Ристовски вели дека вакцинираните имаат помал ризик за срцеви заболувања отколку прележаните ковид пациенти.
-Дефинитивно кај пациент кој што е вакциниран многу поретко можат да настанат овие кардиоваскуларни компликации. Еве на пример во САД има вакцинирано околу 250 милиони кај околу 1200 пациенти се јавиле вакви компликации и тој број е далеку далеку помал во однос на компликациите кои се јавиле кај пациенти кои прележале ковид. Така да предностите во однос на вакцинираните се многу поголеми во поднос на невакцинацијата, изјави д-р Владимир Ристовски, кардиолог во ГОБ “8 септември”.
И додека тетовската болница веќе една недела е преполнета со ковид пациенти, продолжува трендот позитивни лица од овој град слободно да се шетаат и да го шират вирусот. Од МВР информираат дека вчера 4-ца тетовци наместо да седат во изолација ја напуштиле државата.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.