Откако провладините загари преку оркестрирана кампања на демонизација ги замолчија граѓаните кои бараа одговорност за трагедијата во Кочани, искоренување на корупцијата и гарантирање на сопствената безбедност и иднина, сега режимот на ДПМНЕ го пушти својот апарат на сила да се пресметува со најранливите, родителите кои го изгубија највредното што го има човек – своите деца.
Преку закани за апсење, полицијата под команда на Панче Тошковски се обидува да ги замолчи родителите кои бараат неселективна правда и вистинска одговорност за трагедијата што го потресе регионот. Овие закани за кои родителите јавно обзнанија на денешниот протестен марш, ја разоткриваат крајната ароганција и бездушност на режимот, кој заслепен од борбата за голо политичко опстојување, е целосно отцепен од реалноста и од волјата на обичниот народ.
Потсетуваме дека сѐ уште ниту еден актуелен началник близок до власта, одговорен за безбедносниот колапс што доведе до трагедијата во Кочани, не е ниту осомничен. Дополнително и сведоштвата што излегоа во јавноста говорат за уште пострашна вистина: полициски службеници, иако законски обврзани да интервенираат и да спасуваат човечки животи, дури и вон работно време, во кобната ноќ одбивале да пружат помош на загрозените млади луѓе и родителите кои молеле за помош.
Левица најостро ги осудува овие брутални методи на заплашување!